Во 1901 Американката Елена Стоун била грабната од четириесетина комити помеѓу Разлог и Горна Џумаја и држена во заложништво шест месеци, што одекнало во светските медиуми. Но Американци и претходно биле грабани, и тоа на територија на нивната сопствена земја.
Мормонското семејство Оутман во 1850 решило да се придружи на емигранти од Јута, кои заради караница со тогашниот црковен врв во Солт Лејк Сити се качиле на воз и заминале за Калифорнија, следејќи некој свештеник кој сметал дека токму тоа е „планираното место за собирање на мормоните". Групата која броела околу 90 луѓе во еден момент се поделила, а онаа во која се наоѓале Оутманови заглавила некаде низ Аризона, каде кај изворите Марикопа им било кажано да не одат понатаму затоа што постои опасност од напади на Индијанци. Но Ројс и Мери Оутман, и нивните седум деца на возраст од 17 до 1 година, сепак продолжиле и станале жртви на она што подоцна станало познато како „масакрот на Оутманови".
Единствени коишто преживеале биле 15-годишниот Лоренцо, кој случајно останал да лежи покрај телата на неговите блиски, и неговите сестри Мери Ен (7) и Олива (14). Девојчињата биле грабнати од членови на племето Толкепаја, кои наводно ги држеле во заложништво, се однесувале кон нив како кон робови, ги терале да вршат тешки физички работи и ги тепале. По една година во замена за два коњи, ќебиња и зеленчук, нив ги откупила друга група Индијанци од племето Мохаве, со кои Олива ги минала следните четири години сама, затоа што нејзината сестра во меѓувреме умрела од глад како последица на голема суша која ги погодила Индијанците. За разлика од првите „домаќини", Мохаве биле многу попријателски настроени кон Олива, ја прифатиле како ќерка, и во знак на припадност на племето ѝ направиле тетоважа на лицето, нешто со кое таа живеела до крајот на нејзиниот живот.
Во меѓувреме единствениот преживеан брат трагал по нив, а кога конечно дознал каде се ги подмитил Мохавите и им се заканил со голем напад од страна на белците. Тоа што Олива баш и не брзала да замине подоцна се толкувало со можната љубов кон некого од тоа племе, со кого таа наводно имала и две деца. Таа самата никогаш не го признала ова, а нејзиното тврдење дека не заминала од кај Мохавите од страв исто така се зема со резерва, бидејќи иако имала шанси за тоа, таа никогаш не ги контактирала белците кои доаѓале во допир со племето. Нејзината средба со братот после пет години била масовно покриена од тогашните медиуми.
Во 1857 пасторот Ројал Б. Стратон напишал книга за овој период од животот на Олива и Мери Ен, под наслов „Животот помеѓу Индијанците". Книгата била бестселер а заработените пари братот и сестрата ги искористиле за нивно факултетско образование. Олива освен тоа имала турнеја на која ја промовирала книгата. Умрела во 1903, на 65 години од срцев удар, а во нејзина чест е именуван „градот-дух" Оутман, во Аризона, некогашно рударско гратче на земјата на Мохавите.
Нејзиниот лик под името „Ева" се појавува и во Hell on Wheels, американска вестерн тв серија за изградбата на првата трансконтинентална железница во Америка.