
„Светла радос, радост на ослободуванјето не исполни. Нашата земја е векје слободна.“
Списанието за деца, „Пионер“ почнало да излегува веднаш по Втората светска војна. На насловната страница е поместен портрет на Тито, како и нешто насловено со „Пионерска клетва“, односно заклетва. Во следните години се појавуваат и други списанија, како „Титовче“, „Пионерски весник“, „Титов пионер“, од 1951 „Другарче“, а потоа и „Развигор“, „Наш свет“ и „Росица“.
(„Другарче“ бр. 9 од 1.1.1977)
Овие списанија се извор на непроценливи информации за идеолошките, социо-политичките и економските промени во општеството (кога пристигнала струја во руралните области?, како од проширено семејството станало нуклеарно?; како се излегувало на крај со вошки во училиштата?; како се разбирале родовите улоги?; кога почнало навлегувањето на технологијата во животот и образованието?) во последниве осум децении, но и на менувањето на педагошкиот пристап кон нивното прилагодување за различни возрасти на деца и младинци - период на формирање на нивните личности.
(„Другарче“ бр. 7 од 11.12.1971)
Притоа не се само интересни текстовите, туку и визуелните претстави на она што се случува во нив, односно толкувањето на содржините од страна на илустраторите, меѓу кои има вистински уметници на својот занает. Лингвистите, пак, можат да ја следат промената на јазикот и јазичната норма, а историчарите на книжевноста творештвото на автори кои специјализираат во литература за деца и се присутни со децении (често и долго по нивното пензионирање), објавувајќи ги своите дела од списанијата и во форма на книги. Етнолозите и фолклористите тука можат да најдат пословици, гатанки и зборови кои денес се заборавени.
Накратко - периодиката за деца треба да се третира како културно наследство, најпрвин да се заштити, а потоа да се истражува и промовира. Наједноставен начин тоа да се направи е истата да се дигитализира по сите стандарди и да се „вдоми“ на пристапно место. Дигитализацијата на дневниот печат по нашите библиотеки допрва започнува (?) и е многу пообемен процес поради количеството материјал и форматот. Списанијата за деца главно излегувале два пати месечно во текот на школската година, а речиси сите се чуваат во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Значи половина од работата е завршена!
На денот кога го славиме македонскиот јазик и 80 години од неговото кодифицирање, да си дадеме рака дека тоа нема да биде само на ЗБОР туку и на дело.
Илина, Букбокс