Вештачка интелигенција ќе дешифрира 2000 години стара книга за она што се случувало по смртта на Александар Македонски

Кога во 79-тата година од нашата ера еруптирал вулканот Везув, една од неговите жртви станала книга за владетели кои следеле по Александар Македонски. Нејзините јагленосани остатоци сега ќе се обиде да ги декодира програма за машинско учење.

„Загубена“ книга, во која се прикажува за династиите кои следеле по владеењето на Александар Македонски би можела конечно да биде дешифрирана, два милениума откако книгата била делумно уништена при ерупцијата на вулканот Везув во 79-тата година.

Причината за ваквата можност е програмското учење, гранка на вештачката интелигенција, со чија помош би можело да се прочита бледото мастило на папирусните свитоци.

Во моментов е читлив само мал дел од тешко оштетениот текст. Тој содржи имиња на одреден број македонски династии и генерали на Александар, а спомнат е и самиот тој. По неговата смрт во 323-та п.н.е. неговата империја се распаднала, а текстот го спомнува генералот Селевк Победникот, кој потоа владеел со голема територија на Блискиот Исток, и Касандер кој владеел во Грција.

Папирусот кој го преживеал вулканот во 1804 му бил даден на подарок на Наполеон Бонапарта. Тој пак го предал во Францускиот институт во Париз, каде се чува и денес. Во 1986, обид за отворање на свитокот резултирал со уште поголемо општетување. 

Вештачката интелигенција која сега ќе се користи за детектирање мастило работи на принципот на скенови направени со компјутерска томографија. Комбинирањето на илјадници рентгенски снимки резултира со 3Д дигитални слики, на кои има видлив текст. Со секој скен, способноста на ВИ да ги пронаоѓа и чита фрагментите се подобрува. 

Без оглед на успехот на целата операција, ќе остане мистерија кој е автор на текстот, и зошто тој се наоѓал на конкретната локација, Вилата на папирусите во градот Херкуланеум, во близина на Везув. Од другите свитоци кои се пронајдени таму, голем број се на филозофот Филодем и се со филозофска а не со историска тематика. Можеби тој бил позајмен и не стигнал да биде вратен, или пак му служел на Филодем како референца за пишувањето на неговото дело „За добриот крал според Хомер“. Во него тој ги споредува кралевите кои дошле по Александар со оние кои владееле порано, со тоа што првите ги портретира во негативно светло. 

извор