„Љубопитен сум, зошто имате роза на количката?“. „Ги чистам улиците на Фрибург веќе 37 години и еднаш додека шетав со куп ѓубре ми текна да ставам нешто што ќе направи контраст - малку убавина среде отпадот. Многумина ме прашуваа за ова, па и напишав книга за истото“.
Ова го вели 62-годишниот Мишел Симоне, уличен чистач од Швајцарија, кој стана познат токму по овој Инстаграм пост. Неговата книга „Розата и метлата“ е излезена во 2015, а во неа тој го прикажува секојдневниот живот на некој со негово занимање. „Портокаловата боја (на униформата) заслепува. Таа веднаш прави бариера - продолжи, тука нема ништо, само чистач. Но свежа ружа ставена на количката за отпадоци е видлива и веднаш се забележува. Трикот е познат, не бадијала претседателите имаат знаме на својот автомобил“, пишува тој.
Во времето кога е излезена книгата таа била позитивно оценета поради „приземниот“ стил и промовирањето на едноставната работа на отворено која може да биде мост кон заедницата и сопствената среќа. Мишел всушност завршил факултет пред да ја одбере оваа професија - за „рацете да му бидат зафатени, но главата слободна“.
По видеото снимено од Дејв Несто, корисник на Инстаграм, Мишел се појави на голем број програми а беше снимен и едночасовен документарец од страна на националната швајцарска телевизија РТС. Книгата сега се бара од далечни места како Австралија или Америка, а следно е нејзино преведување на англиски.