Максим Созонтович Березовски бил роден 1745 во тогашниот Козачки хетманат, регион во централна Украина. За неговата биографија не се знае многу, а главни извори се всушност фиктивни дела, како новела напишана дури еден век подоцна. Неговото родно место е Хлукив, денес мал град во областа Суми во Украина. Неговото семејство припаѓало на ниската благородничка класа, а Максим наводно учел во музичкото школо во градот. Набргу бил примен како пејач во капела близу Санкт Петербург, но учествувал и во италијански опери, кои во тоа време биле многу популарни.
Во 1769, за да го усоврши и јазикот и своето пеење, бил испратен во Италија, во Болоњската филхармониска академија, кај славниот наставник, Џовани Батиста Мартини. Познат и како отец Мартини, тој бил францискански монах, водечки композитор и музички историчар на европскиот 18 век. Сепак, тој останал запомнет најмногу по тоа што таткото на Волфганг, Леополд Моцарт, се консултирал со него во врска со талентите на својот син, а овој пак се нафатил да го подучува младиот гениј. Дипломската работа на Березовски била да компонира полифонично дело на дадена тема. Слична задача добил и неговиот колега на студиите, Моцарт, неколку месеци порано, по што обајцата дипломирале со почести. Дипломската на Березовски за четири гласа се уште се чува во архивата на Академијата.
По враќањето од Италија, тој продолжил да компонира, главно духовни концерти, симфонии, како и единствената сочувана опера. Некои извори велат дека од непознати причини почнал да развива депресија, наводно поради тоа што по враќањето не бил прифатен во локалните кругови, можеби поради завист. Неговиот прв биограф, Еуген Болковитинов, врз основа на искази на луѓе кои лично го познавале, тврди дека како резултат на ваквата состојба тој извршил самоубиство. Сепак, ова не е потврдено, и можно е тој да починал од ненадејна треска, во 1777.