„Не јас“, монодрама напишана во стил на тек на свеста, кој се смета за ѓаволски тешка за актерска дикција, Бекет ја напишал за својата муза, Били Онор Вајтло (за која подетално пишувавме кога почина, тука). Таа вообичаено се одвива на темна сцена, со рефлектор вперен во устата на актерот, која така станува единствениот видлив лик на неа.
Но во новата поставка на истата пиеса во Уметничкиот центар Батерси во Лондон е вметнат изведувач кој целиот текст го „преведува“ на јазикот на глувонемите. Главниот лик го игра Џес Том, писателка и глумица која има Туретов синдром и искусува илјадници неволни моторички и вокални тикови секој ден. Таа се одлучила да се нафати на улогата за да ја прикаже Устата како лик со посебни потреби, кој доколку не се разбере како таков може да се толкува како зол и вулгарен.
Таа и режисерот Метју Пантни одлучиле да го вметнат преводот на јазикот на глувонемите, и покрај тоа што тој тече толку бргу што дури и да го познавате тешко дека нешто би дофатиле. Устата живее толку изолирано, што во ретките моменти кога ја прекинува тишината од неа тече поплава зборови. Тоа одлично се вклопува во синдромот од кој страда актерката.
Изведбата се вклопува во театарски тренд кого Економист го нарекува „естетика на пристапот“ - фактот дека целата претстава е правена наменски за да биде гледана од луѓе со попреченост има суштинско влијание како во однос на осветлувањето, така и за звукот и за целиот дизајн.
Театарот подразбира раскажување приказни, па колку повеќе претставени и вклучени искуства на сцената, толку подобри приказни. Ова е гледиште кое зема замав во Британија, па така шест англиски театри се веќе дел од Ramps on the Moon, програма која продуцира големи претстави кои настапуваат во повеќе британски градови, а во кои актерскиот и креативниот тим се состои од барем 50% наглуви лица, или лица со посебни потреби. Наместо нивно „поправање“ или „лечење“, на општеството му е потребно да ги отстрани логистичките, структурните и бариерите во однесувањето кои им стојат на патот. Па и на патот на театарска кариера.
Кратко видео - интервју со главната актерка и дел од претставата (4:51)