„Без маглата Лондон не би бил убав град. Токму таа му го дава прекрасниот здив“, била импресијата на Клод Моне кога го сликал Британскиот парламент втопен во маглина. Но на страна метафората, „здив“ е токму она што недостасувало во ужасната зима 1952 година.
Пет дена во тој декември Лондон бил покриен со „ќебе“ од жолт отровен гас кој ги гушел неговите жители. До моментот кога отровната воздушна маса се придвижила, ако им се верува на официјалните податоци, 12.000 луѓе паднале како директни жртви на загадувањето.
Историски катастрофата е позната како „Големиот смог“, а сега за неа е напишана и нова книга од новинарката Кејт Винклер Дејвсон, под наслов „Смрт во воздухот“. Главна причина за бројните смртни случаи, освен метеоролошките врз кои и не можело многу да се делува (долгото задржување на влажниот воздух од Голфскиот залив врз Лондон), било целосното непознавање на влијанието на евтиниот морски јаглен (познат како nutty slack) со кои повеќето лондончани се загревале, а кој испуштал сулфур диоксид и други отрови. Дека постои загадување било прилично очигледно, со оглед на страшната миризба која ги горела грлата и очите.
Но освен со оваа тема книгата се занимава со уште една - приказната за сериски убиец кој истовремено роварел низ градот. Неговото име е Џон Реџиналд Кристи, кои ги намамувал жените во својот стан во Нотинг хил и ги убивал со давење. Се смета дека на овој начин убил осум од нив. Овие две нарации не се допираат во книгата, и иако критиките за неа сугерираат дека ќе било подобро тие некако да се врзат, можеби спојот е токму во тоа - дека човекот може да убие друг човек со голи раце, но може да го убие и со тоа што ќе му го одземе правото на чист воздух, или барем нема да направи ништо за да го намали или спречи загадувањето.
Ова е најсилно илустрирано со приказна за вистински учесник во настаните, Роузмери Сарџент, која имала 13 години таа зима. Татко ѝ, чии бели дробови веќе биле начнати за време на Втората светска војна, се чувствувал многу лошо во текот на „Големиот смог“. Таа и мајка ѝ отишле на доктор да му земат нитроглицеринска таблета, но кога се вратиле тој веќе бил мртов. Морал да лежи покрај влезот на нивната мала и сиромашна куќа цели две недели, додека надлежните се занимавале со други нешта.
„Една од најнеобичните работи во врска со отровната магла е кој беше првиот кој се вознемири - не политичарите, репортерите, па дури ни докторите, туку погребниците. Низ цел Лондон директорите на погребните претпријатија мака мачеа да најдат сандаци за огромниот број тела, пишува авторката.
Кога маглата се кренала биле потребни месеци - дури и години - за надлежните да сфатат дека вистинската причина за илјадниците смртни случаи од срцеви и респираторни заболувања биле всушност предизвикани од токсичниот воздух.
Во 1956 Британија го изгласа тн. Закон за чист воздух (Clean Air Act) кој ги зајакна рестрикциите во врска со индустрискиот чад и го забрани јагленот во голем број куќи и индустрии. Тоа се смета за прва посеопфатна легислатура која се однесува на загадувањаето. Бројот на отровни магли веднаш опаднал. Лекцијата ни е пред очи, и додека на нив не се спуштила зимската скопска магла, подобро е нешто да сториме.