Антологискиот филм на Харолд Рамис од 1993 со задоволство си го гледаме секоја година, токму на овој ден. Хуман, сентиментален, мрачен и крајно смешен, тој е истовремено и филозофски трактат за природата на реалноста и моќта на поединецот да го прекине бесконечниот круг на „кармата“.
Во чест на 2.2, Денот на мрмотот, еден јутјубер го монтирал филмот така што сите негови денови да се одвиваат во ист кадар.
„Филмот прикажува 37 одделни денови од илјадниците кои Фил ги минува во Панскатони. Секој кадар од филмот е користен од првиот до триесет и седмиот ден, со исклучок на неколку преклопувања“, вели авторот, Нил Фенел.
Освен што е малку откачен, овој експеримент покажува колку било тешко да се снима еден ваков филм - веројатно вистинско лудило за екипата. На пример Бил Мареј и Енди МекДауел морале да снимаат неколку различни верзии на речиси истиот разговор, што заедно со стандардните повторувања на сцените сигурно одземале многу време, а барале многу концентрација. Сепак, сè вредело за еден ваков антологиски филм, чии реплики ги знаеме наизуст.