Пред повеќе од две години во статија под наслов „Ќе ги умрат родителите за лајк“ пишувавме за феноменот на „гребење за сожалување“ од страна главно на деца и млади, со постирање на социјалните мрежи за смрт на хрчаци, канаринци и дедовци, но и за болест на родители, браќа и сестри. И не треба да си професионален психолог за да биде јасно дека ова е класично барање внимание, што само по себе не е дијагноза, но може да е симптом на некој поголем проблем.
А тој проблем во меѓувреме толку порасна што веќе има и посебен термин за него - sadfishing, или „сожаловење“ (наш предлог на македонски, сожалување+ловење).
„Кога почнавме да мислиме дека колку што повеќе луѓе знаат за твоите приватни проблеми, толку помалку тие ќе болат?“, прашува Вајс во текст на оваа тема, кој смета дека ова е нуспојава на ерата на интернет, во која нашата врска со конкретни, „офлајн“ луѓе (познати како пријатели, роднини, комшии, колеги) е засенета од нашата доверба во непознати онлајн карактери, кои немаат ама баш никаква причина да покажуваат сожалување или интерес за нашите проблеми. А сепак тоа често го прават.
„Седфишинг“ е дефиниран како „пренагласено истакнување на емоционални проблеми заради добивање сочувство, користено особено од оние гладни за внимание“. Но за многумина ова е не само гребење за љубов, туку и начин да се излезе на крај со чувството на осаменост и безгласност. Парадоксално, но непознатите често се посигурно рамо за плачење од оние најблиските, на кои потешко би им се отвориле уплашени од осуда или од игнорирање. Вака, особено на форуми каде се дискутираат различни лични проблеми, солидарноста се подразбира. Самото кликање „сенд“ може да предизвика олеснување, дека човек си симнал нешто тешко од душа. Под услов да не се фолира, туку проблемот да е реален, а онлајн заедницата единствената со која тој има храброст да го сподели. Само, како во приказната со Пеце и волкот, сите оние кои ја злоупотребуваат оваа можност, им прават лоша услуга на оние на кои онлајн утеха им е навистина потребна.