Флорен Монтклер, професор од Безансон, Франција, во 2016 година свечено бил одликуван со „Златен медал за филологија“ на церемонија во Париз, ни помалку ни повеќе туку во просториите на француското Национално собрание. Настанот изгледал мошне официјално: присуствувале министри, јавни личности, па дури и добитници на Нобелова награда.
Но подоцна се покажало дека и наградата и организацијата што наводно ја доделувала - извесно „Меѓународното друштво за филологија“ – практично не постојат. Истражителите сега се сомневаат дека целата конструкција ја создал самиот Монтклер со цел да си го зголеми академскиот углед.
Според обвинителството, приказната започнала во 2015 година кога локален весник објавил дека професорот бил меѓу финалистите за некаква награда, претставена речиси како „Нобелова награда за филологија“. Подоцна било објавено дека тој и победил, а следната година била организирана и свечена церемонија.
Скандалот станува уште поапсурден кога ќе се земе предвид дека Монтклер во Брисел во 2017 му врачил почесен медал на славниот американски лингвист Ноам Чомски. Велат дека на интернет сè уште постојат снимки од настанот (ние не успеавме да ја најдеме), како и веб-страница на наводното друштво, каде што се наведуваат добитници уште од 1960-тите, меѓу кои и Умберто Еко. Сепак, веб-страницата е направена прилично аматерски, што требало некому да му сигнализира дека нешто не е во ред. Подоцна се открило и дека Монтклер си припишувал докторска диплома од универзитет во американската држава Делавер, институција за која, исто така, не постојат никакви официјални записи.
Целата измама почнала да се расплетува кога Монтклер најавил нов добитник на наградата – романски филолог. Тамошни новинари станале сомничави и започнале истрага. Иако вистината излегла на виделина уште во 2019 година, случајот долго останал речиси незабележан во Франција, а професорот продолжил да работи на универзитетот.
Дури минатата година приказната повторно испливала, и тоа иронично кога Монтклер требало да води дискусија за лажни вести. Негов колега се сетил на старите гласини од Романија и повторно ги отворил прашањата. Кога полицијата извршила претрес во неговиот дом, професорот признал дека медалот го нарачал кај златар и платил околу 250 евра.
Сепак, Монтклер тврди дека не станува збор за измама, туку за неуспешен обид да создаде ново академско признание. Според него, тој никогаш не тврдел дека наградата е „Нобелова“, туку медиумите сами ја претставиле така.
Сега француското обвинителство треба да утврди дали измислената награда му помогнала незаконски да напредува во кариерата. Ако не успеат да докажат конкретна корист или измама, можно е случајот да остане само како една од најнеобичните академски приказни во поновата француска историја.