На Денот на македонскиот јазик: од каде е зборот „гилиптер“?

Не сме го слушнале одамна, а претпоставуваме дека новите генерации и немат поим што е. Но „гилиптер“ (понекогаш и со ѓ) беше долго време опис на човек, најчесто млад, кој не е за машала - неодговорен, мрзлив, никаков. И сè некако мислевме дека има врска со турскиот. Ама приказната да ти била друга.

Вообичаено, германизмите во македонскиот се поврзани со технологија, алатки, машини. Шраф, штекер, штрафцигер, во хумористични варијанти „цоклица луфт дизна“. Но преку други словенски јазици, кои била поблиску до германските говорни подрачја (на пример српскиот од Војводина) кај нас допатувале и именки кои укажуваат на особини или типови на луѓе, иако често во видоизменето значење отколку во оригиналот.

Така, „фраер“ во стандардниот германски би значело „додворувач“ или „просец“ (во некои контексти и клиент на сексуални работнички). Но кога стигнал на Балканот, значењето почнало да му се менува, па кај нас и сега фраер е „тип“, „шмекер“ а понекогаш и некој што се прави важен без покритие. 

Денес поретко користен, но сепак познат збор е „гилиптер“. Се смета дека потекнува од германскиот збор „geliebter“, што значи „љубовник“ или „сакан“. Меѓутоа, како што често се случува со позајмените зборови, значењето со текот на времето се изменило – и тоа прилично. Денес, во нашиот контекст, речиси никогаш не се користи во првобитната смисла. „Гилиптер“ е млад човек кој се однесува несериозно, недолично или провокативно. Блиску до „мангуп“, „шалабајзер“, „безделник“. 

Од јазичен аспект, „гилиптер“ е добар пример за тоа како зборовите „патуваат“ и се трансформираат. Од германски „љубовник“ до балкански „безобразен младич“ – тоа е прилично долг семантички пат. Но токму во тие промени се гледа живоста на јазикот: тој не е статичен, туку постојано се прилагодува на луѓето што го користат.

Видео на оваа тема, кадешто извесен Цобе Драчевски, некаде околу шестата минута, го поврзува менувањето на значењето на зборот (од позитивно во негативно) со - Хитлер.

5 мај 2026 - 15:11