Во време на Југославија на денешен ден, 25. мај, се одбележуваше наводниот датум на Титовиот роденден, уште наречен и Ден на младоста. Основната асоцијација на него беше гимнастичкиот слет кој се одржуваше во Белград. Во неговата изведба учествуваа илјадници младинци и ученици од сите краишта на државата, слетот го пренесуваше телевизијата, па така во него учествуваше и целата земја. Учесниците со месеци пред да пристигнат во Белград, во своите градови и села ја вежбаа програмата. Секој од нив се чувствуваше почестено што е одбран да учествува на слетот и што добил прилика да биде присутен на пристигнувањето на штафетата и предавањето во рацете на Тито.
Како што пишува Соња Ќириќ во белградско Време, ова сепак не било измислица на Титова Југославија, туку таа ја презела од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Таа пак од - Чесите.
Во Чешка е формирано Соколското движење, татковинско и ослободително движење, како реакција на обидите за германизација на словенските народи во рамки на Австроунгарската монархија. Го основале во Прага во 1862 д-р Мирослав Тирш, професор по естетика и Јиндрих Фигнер, како Прашко гимнастичарско друштво, а потоа му е додадено името Сокол. Следната година во Љубљана е формиран Јужен сокол, а потоа во 1874 и Хрватскиот сокол. По углед на соседите, во Србија во 1881 е основано Првото белградско друштво за гимнастика и борење, кое по десет години го променило името во Белградско гимнастичко друштво - Сокол. На Видовден, 28 јуни 1919, во Нови Сад се обединети сите соколски друштва и е основан Соколскиот сојуз на Србите Хрватите и Словенците (СССХС). Следната година во Марибор во Словенија, сојузот го сменил името во Југословенски соколски сојуз.
Согласно статутот неговата задача била „создавање физички здрави, крепки, морално и интелектуално развиени младинци, вдахнати со национална свест, со духот на словенската солидарност и со големи и општи идеали на човештвото која ќе ги чува вредностите на тогашната генерација - обединувањето и независноста“.
Членовите на друштвото меѓусебно си се обраќале со „брате“ и „сестро“. Музиката со која почнувале сите позначајни настани и која најчесто се слушала била сесловенската химна „Хеј Словени“. За различни прилики имале и соодветна облека. На пример, свечената одора на членовите била волнена, „соколско сива“, со црвена кошула и капа во облик на шајкача со црна боја, со перо долго 12 цм. Членките носеле тегет здолништа, бели блузи кои на работ на ракавот имале везени народни мотиви, околу вратот плетени врвки и црвени марами на главите.
Тоа сепак не биле само спортски друштва, туку тие организирале и конференции, игранки, забави, претстави и јавни часови на кои се зборувало за идеологија, но и за штетноста на алкохолот, за лековито билје и за здравствени мерки. Основани се библиотеки (некои имале и по неколку илјади книги), а во поголемите градови постоеле соколски театри.
Членството е воспитувано под мотото „Кој е сокол, тој е Југословен“, а друштвото и формално станало државно со закон донесен 1929 година. На чело симболично е поставен нов старешина, престолонаследникот Петар Втори Караѓорѓевиќ. Со оглед на финансиската поддршка на државата, пораснал и обемот на активности и бројот на членови. И покрај широкиот опсег настани кои ги организирало Друштвото, најпопуларни сепак биле слетовите. За нив да можат да ги следат повеќе граѓани, а и за ефектот да биде уште посилен, кралот предложил изградба на посебен стадион на Палилула, каде во јуни 1930 се одржал првиот сесоколски слет.
Стадионот бил најголема дрвена конструкција во централна Европа: стадионот зафаќал 12.560 квадратни метри, а во него можеле да се сместат 42.000 луѓе и 3500 вежбачи на терен. Од улицата „Крал Александар“ постоел посебен влез за кралското семејство, членовите на владата и дипломатскиот кор кој ги водел до нивните свечени ложи. Публиката можела да влезе на четири репрезентативни капии, декорирани во народен дух. Во склоп на гледалиштето бил проектиран и Музички павиљон за оркестар, а тој како и началникот кој диригирал со вежбите на слетот биле озвучени и звукот се пренесувал на четири звучници од марката Филипс. Стадионот имал водовод, електрично осветлување, пошта, соба за новинари со телефонски кабини, како четири кули во кои постојано дежурале пожарникарите.
Самото градење на стадионот било атракција, па Белграѓани во недела и за празници можеле да доаѓаат на разгледување по цена од два динара, што влегувало во слетскиот фонд. За се што било потребно воделе сметка различни секции. На пример, откако по два месеци и седум денови 450 работници го завршиле стадионот, изведено е пробно оптеретување на трибините со 6000 војници од три пукови, кои додека во музичкиот павиљон свирел воениот оркестар, ги тестирале трибините. Тоа го организирала градежната секција. Друга секција прибирала податоци за соби и хотели, гостилници или сместувања кај приватни лица. Имало санитетска служба на железничката станица, а сите соколски возови ги следел соколски лекар со рачна амбуланта. На сите попатни станици е испитана водата за пиење, а на поголемите е обезбедено место за миење раце. Здружението на месари и колбасичари одржало голема конференција на своите членови, за да им се укаже на поголемо внимание при обработката на месо при високи, летни температури.
Новинарско-пропагандната секција настојувала да известува за настанот, па во соработка со фирмите Телефункен и Филипс во четириесет места ширум државата се емитувани вести од слетот преку радио приемници поставени на шеталишта, плоштади и останати згодни места. Произведени се 400.000 разгледници и марки, 2200 големи плакати, 100.000 значи за учесници и 3000 значки за соколската младина, 100 милиони парчиња цигари „сокол“ итн.
Целиот месец јуни таа 1930 година бил посветен на слетот - првата недела за средношколците, втора за војската, трета за младинците а четвртата за членови од Франција, Романија, Русија, Чешка, Полска и Америка. Пoвеќе од 200.000 Белграѓани ја следеле поворката додека се движела низ градот.
Социјалистичка Југославија речиси во целост ја препишала соколската традиција на братство и единството и ја сместила во свои рамки. Како спомен на Соколите, една мала улица во Белград и една во Ниш се нарекуваат Соколски.
Оваа година, за 25 мај во Белград е закажана црковна Спасовденска литија.