Букбокс на Киненова

„Сожалување“ (2019)

На 4.10 (петок) почнува четвртото издание на фестивалот Киненова, со богата програма, која вклучува и еден интересен филм од таканаречениот „грчки откачен бран“ (Greek weird wave), кој ја замаглува стереотипната граница меѓу комедија и трагедија.

Ко-сценаристот на „Сожалување“, Ефтимис Филипу се има потпишано под „Песјак“, „Јастог“ и „Убивањето на светиот елен“ на Лантимос. И ова, за оние на кои гледањето бизарни грчки филмови им претставува поголемо задоволство од гледањето исти такви скандинавски дела (баш затоа што се грчки, а не дански или шведски), уште од прва значи дека филмот едноставно мора да се види.

„Сожалување“ не буди сожалување, намерно, за тоа да остане посакувано чувство, кое насловот го ветува, а не го исполнува. Точно истиот проблем што го мачи главниот неименуван лик во филмот на одјавната шпица наведен како „адвокатот“ (Јанис Дракопулос, кој играше и во „Витезот“ - осврт тука). Кога неговата жена е подолго време е во кома по сообраќајка, тој почнува да се навлекува на туѓото сожалување и на малите вниманија - тазе испечениот милиброд со портокал од комшивката, погледот полн разбирање на вработениот во хемиското чистење, тешењето oд непознати.

Сожалување тој очекува дури и од луѓе кои имаат многу поголеми проблеми од него - клиенти кои го ангажираат како адвокат кој треба да ги застапува во случај на брутално убиство со нож на нивниот татко. Непотребно често и долго разговарајќи со нив за сите детали на настанот, тој како да доживува тивок оргазам слушајќи ги нивните плачки и исповеди, а истовремено користејќи ја приликата да си се пожали и на сопствените маки.

Естетиката на филмот е геометриска, стерилна, широкоаголна и фиксирана, во весли-андерсоновска палета на бои (розово, бебешко сина, праска), прави линии, осончани ентериери и екстериери, но не до толку за да стане јасно дека сме на Медитеранот. Дизајнерски спротивно на она за што е всушност филмот - смрт, тага, сожалување - тоа создава чувство на „изместеност“, особено силно некаде при средината на филмот, кога станува јасно дека жената извлекла жива глава и се вратила дома.

Но тогаш место очајот да биде заменет со задоволство од исходот, нашиот лик станува уште поочаен. За да се чувствува жив среде таа стерилност потребен му е „кик“ на депримираност, мрачност која ќе му ги обои деновите онака како што тоа го правеше претходно, кога сите - синот, кучето, секретарката, соседите, пријателот од тенис - беа сплотени во тагата и подготвени да помогнат. Наместо  низ куќата конечно да се разнесе веселиот звук на пијаното на кое претходно синот не смееше да вежба („Што ќе рече светот, дека свириш додека мајка ти умира?“), низ главата на адвокатот се уште се вртат звуците од Моцартовиот Реквием и стиховите од тажаленката која самиот ја искомпонира кога мислеше дека жена му ќе умре, а кои одат отприлика вака „ќе заколеме курбан овци, кучиња и други животни, за сите да видат колку те сакаме“ (момент кој нè потсети на соло изведбата на песната од Витни Хјустон во германскиот „Тони Ердман“).

Границите до кои ќе оди адвокатот во обидот повторно да си ги прочисти солзните канали се неверојатни. Од друга страна, што друго може да се очекува од нова грчка комедија? Освен да заврши како трагедија.

„Сожалување“ на Бабис Макридис ќе се прикаже на фестивалот Киненова на 5.10 (сабота) во 20 часот во Кинотека, со реприза на 12 октомври (сабота) во 18 часот. Целата програма на фестивалот тука

30 септември 2019 - 00:21