Букбокс гледаше на Скопски филмски фестивал: „Фјорд“ (2026)

Koлку е стабилна нашата морална вертикала, кога ќе се соочи со вредности што се разликуваат од нашите, но се подеднакво цврсто втемелени во уверувањето дека се исправни? Сместувајќи ја својата приказна во студениот норвешки пејзаж, потпомогнато од студенилото на салата во МКЦ, Мунџиу на моменти нè смрзнува со сознанието дека разбирачката помеѓу културите, дури и оние европските, е едноставно невозможна.

Некаде при крај на 1990-тите во МКЦ беше организирана дебата на која професорите Чокревски и Фрчковски зборуваа за човекови права. Кога на крајот се поставуваа прашања од публика, едно од нив гласеше - во Шведска на имигранти социјалните служби им го одзеле детето, затоа што знаеле да го „плеснат по газот“ кога било немирно. Како би реагирале говорниците од правен но и од човечки аспект, односно дали е можно да се помират двата светогледа кои меѓусебно си конкурираат за наводна заштита, односно за контрола на наративот за „благосостојбата“ на децата. Одговорот беше: „Ваков случај до сега сме немале кај нас“. 

Дваесет и кусур години подоцна, за ваков случај навистина уште не сме слушнале, не само кај нас, туку и на Балканот. Но судирот во провербијално либералната западна Европа веќе не се одвива дури ни помеѓу географски и културолошки оддалечени средини - белата и не-белата или христијанската и муслиманската - туку е во самото нејзино ткиво. „Другите“ можат да бидат и „нашите“, ако не се доволно „наши“, особено во дефинирањето на границите на слободата во наводно либералното општество, кои како лента за пилатес знаат да се растегнат или цврсто да се зауздаат по слободно наоѓање на најлибералните. 

Со овие прашања се занимава новиот филм на Кристијан Мунџиу, „Фјорд“, кој оваа година ја доби Златната палма во Кан, а иако номинациите не се ни објавени, веројатно ќе го добие и Оскарот за најдобар меѓународен филм. Михаи е Романец, Лисбет Норвежанка, а се запознале преку заедничката вера - припадноста на конзервативна пентакостална заедница, некарактеристична за обата контексти, првиот доминантно православен, вториот секуларизирано лутерански. Филмот започнува со нивните први денови во новата татковина, Норвешка, во која одлучуваат да се преселат поради причини кои не се експлицитно наведени, а кои наводно имаат врска само со смртта на родителите на Михаи кои до тогаш помагале во грижата за петте деца. Малото гратче на брег на норвешки фјорд делува како од разгледница, иако создава и чувство на нелагодност, особено со зимското сонце „со заби“ и лавините од снег кои знаат да се истркалаат од планинините. 

На почетокот, нивното вклопување во новата средина изгледа успешно. Се спријателуваат со соседите, децата се дружат со локалните врсници, а родителите наоѓаат работа - Михаи како компјутерџија, а Лисбет како болничарка во дом за стари. Но разликите во воспитувањето и верувањата стануваат сè повидливи. Нивните деца немаат мобилни, секојдневно читаат Библија и растат според строги правила. Со најдобри намери, Лисбет на оние кои доаѓаат да си ги земат починатите роднини од домот им дава свој број и ги кани на средби на „сектата“. И таа и нејзиниот сопруг знаат да ги казнат децата со различни забрани (пред камера не и физички) - разбирливо за големо семејство кое не би ни можело да функционира без минимум дисциплина. Сето ова наскоро ќе им се врати на начин кој не го очекуваат, а кој воопшто не делува хиперболизиран. 

Конфликтот започнува кога наставничка забележува модринки на рамото на најстарата ќерка. При разговорот со училишните служби, децата со токму таква, детска искреност, изјавуваат дека родителите понекогаш ги удираат по газот. Она што во нивната претходна средина можеби се сметало за вообичаен начин на дисциплинирање, во Норвешка се третира како можна злоупотреба. Се активира службата за заштита на децата, а семејството се соочува со нивно одземање додека трае истрагата (дури и на неколкумесечното бебе!). И сето ова со неверојатна брзина и екстремно студен („фашистички“) однос од страна на вработените во социјалните служби. На моменти ви доаѓа да станете од седиштето и да почнете да им се дерете, АБЕ, ИМАТЕ ЛИ ВИЕ ДЕЦА? Ама Муџиу го предвидел и тоа, откривајќи ни подоцна дека - немаат. 

Режисерот, кој е истовремено и сценарист, не ја поставува приказната како едноставен судир меѓу добри и лоши луѓе. Норвешките институции постапуваат во име на заштитата на децата, но нивната сигурност дека знаат што е најдобро постепено добива и поинакво лице – лице на бирократија, предрасуди и недоверба кон различноста. Од друга страна, религиозноста на родителите не е прикажана само како невина приватна определба. Нивните ставови за родовите и сексуалните прашања, строгото воспитување и обидите да ги пренесат сопствените убедувања врз другите отвораат реални прашања за границите на родителскиот авторитет. Кога Михаи бара поддршка од група романски евангелисти, семејниот случај добива и поширока политичка димензија: во него се вклучуваат религиозни активисти, јавни кампањи и спротивставени претстави за тоа што значи слобода.

Особено важен е начинот на кој филмот ги поставува децата во средиштето на конфликтот, а истовремено покажува колку малку возрасните навистина ги слушаат. Сите тврдат дека дејствуваат во нивен интерес, но децата се оние што ги поднесуваат последиците од нивните убедувања и одлуки. Во оваа смисла, важна е и врската меѓу најстарата ќерка Елија и нејзината норвешка сосетка Нура. Нивното пријателство се развива без големи декларации и идеолошки расправи, како можност за блискост што не мора да се темели врз истоветност. Нура, која и самата има проблематичен однос со семејството, станува еден од ретките ликови што на децата им пристапуваат без однапред донесен заклучок. Финалната сцена во таа смисла е крајно симболична и можеби претставува клуч за толкување на целиот филм - само со силата на љубовта можеме да го направиме невозможното, па и да одиме по вода. 

Илина, Букбокс

7 ноември 2026 - 12:33