Убавина има насекаде. Ама што ќе ни е?

Зошто ни се убави зајдисонцето, музиката, симетричното лице, цветната ливада? Дали убавината е само еволутивна предност – начин да препознаеме здрав партнер, плодна почва или безбедно живеалиште – или постои нешто повеќе во нашата потреба да ѝ се восхитуваме на околината? Еволутивниот психолог Николас Хамфри предлага необичен одговор: можеби убавината ја откриваме затоа што човечкиот ум е опседнат со препознавање обрасци, сличности и повторувања, односно со она што тој го нарекува „рима“.

Во својата книга „Зошто светот е толку убав?“, британскиот еволутивен психолог Николас Хамфри тргнува од едно навидум едноставно прашање: зошто светот околу нас изобилува со убавина, а ние сме толку чувствителни на неа? Една од вообичаените еволутивни теории вели дека убавината има практична функција. Зелените предели навестуваат вода и плодност, живописните бои на овошјето укажуваат на неговата зрелост, а симетричното тело може да биде сигнал за здравје и репродуктивна способност. Но овие објаснувања не се доволни за да разбереме зошто нè воодушевуваат ѕвезденото небо, планинските венци, музиката или уметничките дела – убавини од кои немаме очигледна материјална корист.

За да ја објасни оваа привлечност, Хамфри се повикува на идејата за „рима“, инспирирана од поетот Џерард Менли Хопкинс, кој пред околу 160 години ја опишал како „сличност помешана со различност“. Со други зборови, убавината ја препознаваме во појави што имаат нешто заедничко, но не се целосно идентични: фракталните форми во природата, повторувањата во ДНК, човечката анатомија, архитектурата или ритамот на јазикот. Според Хамфри, човечкиот ум постојано бара такви обрасци затоа што преку нив го организира хаотичниот свет и го претвора во нешто разбирливо. За да се снајдеме во реалноста, мораме да ги групираме појавите во категории – дрвја, животни, предмети, луѓе – а тоа го правиме препознавајќи ги нивните сличности и разлики. Уживањето во убавината, според него, е дел од истиот процес: преку препознавањето на „римите“ го тренираме сопствениот ум.

Но што се случува кога ќе наидеме на нешто што не се вклопува во познатите обрасци – нешто необично, гротескно или дури вознемирувачко? Хамфри смета дека првата реакција е отпор, бидејќи човечкиот ум не сака хаос и неразбирливост. Сепак, токму аномалиите можат да нè натераат да создадеме нови категории и да го прошириме разбирањето на светот. Уметничките правци како кубизмот и дадаизмот, кои во своето време ги предизвикувале воспоставените претстави за уметноста, денес можеме да ги прифатиме затоа што сме научиле да ги гледаме како нови облици на творештво. 

Сепак, способноста да препознаваме рими не е секогаш безопасна. Повторувањето и складноста можат да нè привлечат и кога немаат вистинска смисла. Токму затоа е можно и пропагандата да нè заведе преку естетски привлечни слики, музика или добро осмислена визуелна форма. Убавината не гарантира вистина, исто како што складноста не гарантира смисла. Она што го издвојува човекот од другите животни, смета Хамфри, е токму дополнителната емоционална реакција – естетското задоволство што го чувствуваме кога нешто ни изгледа складно, добро обликувано и на некој начин „на свое место“.

извор

6 ноември 2026 - 15:55