Приказната започнува во 1982 година, на музички фестивал во Сан Бернардино, Калифорнија, организиран од Стив Вознијак, коосновачот на Епл. На големи екрани од двете страни на сцената се пренесувале настапи на американски и советски музичари, овозможувајќи на публиката во двете земји за првпат да се видат и слушнат во живо.
Но оваа таканаречена „вселенска врска“ меѓу САД и СССР имала и една помалку позната заднина: дел од луѓето што ја организирале верувале дека комуникацијата меѓу двата блока може да се унапреди и преку телепатија. Во текот на поголемиот дел од 20 век, телепатијата и другите парапсихолошки феномени не биле третирани само како езотерични верувања, туку и како можни научни откритија. Во Советскиот Сојуз, каде што технолошкиот напредок бил дел од големиот утописки проект за создавање ново општество, се очекувало дека тие би можеле да го променат човечкиот живот.
За советскиот ентузијаст по парапсихологија Јосиф Голдин, кој бил еден од организаторите на првата телевизиска врска меѓу двете земји, масовната комуникација имала уште повисока цел: да ги зближи луѓето и да спречи војна. Тој верувал дека ако луѓето ширум светот редовно споделуваат исти искуства, дури и едноставно набљудување на изгрејсонцето, меѓусебното разбирање би можело да стане посилно од политичките поделби. Иако експериментите со телепатија никогаш не обезбедиле научен доказ за нејзиното постоење, зад нив стоела вистинска верба во можноста науката да ги надмине границите на човечката комуникација.
Истражувајќи ја историјата на рускиот интернет, новинарката и медиумски археолог Наталија Конрадова открила дека неговите почетоци не се појавиле дури по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како што често се претпоставува. Една од првите интернет-провајдерски компании во земјата била основана уште во 1980-тите, а зад воспоставувањето на раните меѓународни врски стоеле луѓе поврзани со американскиот институт Есален, центар за алтернативни истражувања во Калифорнија. Нивните контакти со советските парапсихолози започнале уште во 1970-тите, а подоцна прераснале во програми за размена и граѓанска дипломатија.
реку претприемачот Џоел Шац, кој во средината на 1980-тите дошол во СССР токму благодарение на овие врски, биле овозможени и првите контакти меѓу американските и советските корисници на мрежата Usenet. Така, луѓето што првично се обидувале да ги поврзат умовите на двете страни од Железната завеса, помогнале да се поврзат и нивните компјутери.
Интернетот одиграл важна улога и во последните години на Советскиот Сојуз. За време на неуспешниот пуч во Москва во август 1991 година, информациите за случувањата стигнувале до американските медиуми и политичари преку корисници на Usenet од московскиот Институт „Курчатов“. Тие собирале вести преку својата внатрешна мрежа, ги преведувале на англиски и ги објавувале на меѓународните форуми.
Според Конрадова, интернетот не го предизвикал распадот на СССР, ниту би можел сам да го спречи, но овозможил побрзо ширење информации надвор од институционалната контрола. Во тој поглед, раниот руски интернет бил нешто како усовршена верзија на самиздат – неформалното самостојно објавување и ширење текстови што ја заобиколувале државната цензура. Така, приказната од парапсихолошките експерименти до дигиталните мрежи, покажува дека и двете произлегле од слична утописка желба: свет во кој информациите и луѓето можат слободно да се поврзуваат, без оглед на политичките граници.