Букбокс гледаше на Скопски филмски фестивал: „Отфрлениот“ (2026)

16 oктомври 2020. Самуел Пати, наставник во училиште во предградие на Париз, среде улица беше обезглавен од 18-годишен исламски терорист. Овој филм ги прикажува последните денови од неговиот живот. 

„Отфрлениот“, филм на Винсент Гаренк, отвора со навидум обичен ден во училиште во Париз, со палави тинејџери кои „зујат“ по ходниците и наставници кои се обидуваат да им го задржат вниманието на час. Еден од нив, Самуел Пати, предава историја, но и предмет кој кај нас би се нарекол Граѓанско образование. Тема тој ден, согласно наставната програма, е слободата на изразување. На платформата со материјали кои стојат на располагање на наставниците од цела Франција се закачени и карикатури од Шарли Ебдо, каде само пет години претходно се случи познатиот терористички инцидент. Пред да ги прикаже пред учениците, тој ги повикува оние на кои тоа не им е пријатно да излезат или да ги покријат очите. Дури и оние гледачи кои никогаш не слушнале за вистинскиот Пати, насетуваат дека од тој момент нештата ќе одат само на полошо. 

Паралелната приказна го потпомага тоа чувство - една од ученичките од класот е пред суспензија поради голем број неоправдани и лошо поведение. Таа го користи настанот за пред родителите да излаже дека причината за нејзините чести отсуства е расизмот на училиштето и конкретниот наставник, кој во нејзината верзија не само што понудил опција учениците да излезат, туку ги стигматизирал точно муслиманите како неа и ги навредувал. Татко ѝ распалува онлајн кампања на која се „лепи“ радикален локален проповедник и нештата излегуваат вон контрола. Кога се дознава дека ученичката воопшто не била тој ден на часот, тоа веќе не може да ја сопре лавината. 

Највознемирувачки притоа е начинот на кој се прикажани институциите – училиштето, образовната администрација, полицијата и локалните власти – кои, секој на свој начин, потфрлаат во обидот да го заштитат човекот за кого веќе постои сериозна закана. Насловот се однесува токму на тоа отфрлање или напуштање: не само на осаменоста на Пати, туку и на низата мали отстапки, стравови, погрешни проценки и пропуштени можности што го оставиле без вистинска заштита.

Една од најголемите вредности на филмот е воздржаноста со која му пристапува на исклучително тешкиот материјал. Антоан Ренарц во улогата на Пати и Емануел Берко како директорката на училиштето создаваат уверливи ликови, без непотребна патетика и херојска стилизација. Иако гледаме настани чиј исход ни е веќе познат, тензијата расте со секоја сцена и како во античка трагедија изгледа дека има само еден крај.

Неговата слабост пак е завршницата - наместо да му верува на гледачот дека ја разбрал тежината на трагедијата, филмот како да чувствува потреба да ја заокружи со јасна порака за единството, толеранцијата и одбраната на републиканските вредности. Тоа има своја емоционална и општествена оправданост, особено ако се има предвид вистинскиот настан, но истовремено може да делува помирливо и малку програмски. Колективната комеморација лесно создава впечаток дека општеството, преку заедничкото жалење и јавното осудување на насилството, повторно воспоставило морална кохезија. Но токму филмот покажува колку институционални и општествени слабости овозможиле трагедијата да се случи. Дали едно општество навистина се соочило со сопствените пропусти ако на крајот успее само да произведе симболичен чин на единство?

Илина, Букбокс

10 ноември 2026 - 12:21