Човекот што станал локален „инфлуенсер“ затоа што имал - телевизор

Кога на 2 ноември 1936 година прв пат Би-би-си почнала со телевизиско емитување, поседувањето телевизор било вистински луксуз. Апаратите биле прескапи за повеќето луѓе, а телевизискиот сигнал можел да се прима само во ограничен дел од Велика Британија. Затоа, во едно мало англиско село, обичен земјоделски работник станал локална знаменитост – само затоа што имал телевизор.

Џорџ Боар живеел во Лонг Мелфорд, во областа Сафолк, и со пари што ги наследил купил телевизор во 1937 година. За него платил 120 гвинеи, сума што денес би изнесувала околу 7.700 фунти – приближно колку семеен автомобил во тоа време. Но тоа не бил единствениот трошок: за да го фати сигналот од единствениот телевизиски предавател во земјата, поставил и 18 метри висок антенски столб во дворот, прицврстен со два тона бетон. Самиот телевизор бил импозантно парче мебел во арт деко стил, високо 126 сантиметри и широко еден метар, но со екран од само 14 инчи.

Во 1930-тите телевизијата била главно забава на побогатите семејства, па појавата на телевизор во домот на човек од работничката класа предизвикала големо внимание. Боар не го чувал апаратот само за себе: им дозволувал и на другите жители на селото да доаѓаат и да гледаат, што прераснувало во целовечерни седенки. Телевизорот бил огромен, како „регал“ од старите дневни, со малечок екран во средината.

Но Боар станал познат и по една необична брачна потрага. Во интервју за весник изјавил дека би сакал да најде сопруга со која ќе може да гледа телевизија. Веста се проширила низ британскиот печат, а на неговата адреса пристигнале писма од дури 800 жени. Според сведоштвата, писмата биле толку многубројни што морале да ги истурат од вреќа низ прозорецот. На крајот, во април 1939 година, Боар се оженил со Беатрис Стент, домашна помошничка од Лондон. Венчавката се одржала во блискиот град Садбери – што, според локалните историчари, веројатно бил и прв пат кога Џорџ воопшто од своето село.

Иако ретко го напуштал домот, телевизијата му овозможувала да гледа настани од далечни места, особено големи спортски преноси, како финалето на фудбалскиот куп на Вембли во 1938 година. Во интервју за списанието Рејдио тајмс изјавил дека телевизијата му овозможува да учествува во возбудливиот живот на Лондон. Така, еден скап апарат со мал екран го претворил неговиот скромен дом во Сафолк во прозорец кон светот – и неговиот сопственик во мала медиумска ѕвезда.

извор

9 ноември 2026 - 09:23