Во интервју за Еј-би-си њуз, претседателката на компанијата Антропик, Даниела Амодеи, изјави дека бројот на работни места што вештачката интелигенција би можела целосно да ги извршува без човечка помош е „многу мал“, но и обратно, дека речиси и нема професија во која ВИ не може да помогне. Оттаму, таа смета дека иднината нема да биде „луѓе против машини“, туку „луѓе заедно со машини“. Таа верува дека комбинацијата на човечки способности и вештачка интелигенција ќе создаде поинтересни, покреативни и попродуктивни работни места, а истовремено ќе отвори повеќе можности за различни луѓе.
Тоа, според неа, не значи дека сите ќе мора да имаат техничко образование. Напротив, најновите алатки за програмирање базирани на ВИ покажуваат дека потребата од класични програмерски вештини може значително да се намали. Токму поради тоа, многу аналитичари очекуваат дека технолошката индустрија ќе се промени драстично во наредните години.
Интересно е што и самата Амодеи нема техничко образование – таа студирала книжевност на Универзитетот во Калифорнија. По кратка работа во политиката, преминала во технолошкиот сектор, прво во Страјп, потоа во ОпенАИ, а во 2020 година заедно со својот брат ја основала Антропик, (компанијата позната по Клод, семејството на ВИ модели).
Таа вели дека токму човечките особини ќе стануваат сè поважни во ерата на вештачката интелигенција. Компанијата денес бара луѓе што знаат добро да комуницираат, имаат емоционална интелигенција, емпатија, љубопитност и способност да работат со други луѓе.
Во време кога вештачката интелигенција сè почесто се претставува како закана за работните места и за иднината на човечката работа, дел од водечките луѓе во технолошката индустрија почнуваат да испраќаат поинаква порака. Наместо свет во кој машините целосно ќе ги заменат луѓето, тие гледаат иднина во која човечките способности – емпатијата, комуникацијата, критичкото размислување и креативноста – ќе станат поважни од кога било. Според нив, токму хуманистичките вештини би можеле да бидат најголемата предност во ерата на АИ.
Сличен став има и директорот на ЏП Морган Чејс, Џејми Димон, кој веќе некое време предупредува дека таканаречените „меки вештини“ – комуникација, критичко размислување и емоционална интелигенција – ќе бидат клучни на пазарот на трудот.
Во меѓувреме, сè повеќе млади луѓе од генерацијата Z се откажуваат од идејата дека факултетот е единствениот пат до успешна кариера, и се насочуваат кон практични професии и стручни училишта. Но за оние што остануваат во т.н. „професии на бели крагни“, водечките луѓе од технолошкиот сектор сè почесто повторуваат дека иднината нема да им припаѓа само на технички најспособните, туку и на оние што знаат да размислуваат, чувствуваат и комуницираат со други луѓе.