Иако звучи необично, астронаутите со децении тврдат дека космосот навистина има специфичен мирис. Според нивните сведоштва, по враќањето од вселената на нивните одела и опрема останува силен метален мирис што многумина го споредуваат со озон, барут, запалено месо или чад од заварување. Германскиот астронаут Александер Герст дури рекол дека вселената за него мириса како комбинација од ореви и кочници на мотор. Астронаутот Дон Петит, пак, опишал дека мирисот го потсетувал на летата кога работел со апарат за заварување, поправајќи тешка механизација. За него тоа бил „сладок метален мирис“, необичен, но пријатен.
Научниците имаат неколку теории за тоа од каде доаѓа овој мирис. Една од нив вели дека причината се таканаречените полициклични ароматични јаглеводороди – соединенија што постојат низ целата вселена и се создаваат при согорување. Истите материи ги има и во изгорен леб, чад, јаглен или издувни гасови од автомобили. Кога ѕвездите умираат, тие исфрлаат честички богати со јаглерод што создаваат густ космички „саѓест“ материјал. Научниците претпоставуваат дека токму тие честички се лепат на астронаутските одела и создаваат специфичен мирис.
Друга теорија е поврзана со озонот. Во вселената ултравиолетовото зрачење може да ги разложи молекулите на кислород, а потоа тие повторно да се спојат во озон – гас што има карактеристичен метален мирис.
Но космосот, според научниците, не мириса само на метал и барут. Во 2014 година европската сонда Розета анализирала комета и открила молекули што мирисаат на расипани јајца, бадеми, урина и формалдехид. Некои делови од Млечниот Пат дури содржат соединенија што се користат во аромата на малини и рум. Научниците откриле дека огромниот молекуларен облак Сагитариус Б2 е богат со етил-формат – супстанција што им дава препознатлив вкус и мирис на малините. Тоа значи дека делови од галаксијата можеби мирисаат како коктел од малини и рум.
Од друга страна, некои планети би имале прилично непријатен мирис. Венера и уран веројатно би мирисале на расипани јајца поради сулфурните соединенија во нивните атмосфери. Марс би имал сув, киселкаст мирис сличен на пустина, додека месечината Титан на Сатурн веројатно би мирисала на бензин.
Сето ова покажува дека вселената е далеку од стерилна празнина. Таа е исполнета со хемиски соединенија, гасови и честички што создаваат цел еден „космички парфем“ – мешавина од метал, чад, сулфур, рум, малини и озон. Толку е познат овој феномен што НАСА дури ангажирала хемичар да создаде парфем што мириса како вселената, за астронаутите полесно да се подготват за мисиите, oпишан како „прилично пријатна метална арома“ - не сме сигурни дека би го носеле.