Неколку моменти го одбележаа овогодинешното издание на Венецијанското биенале уште пред неговиот почеток. Во мај 2025 на 58 години ненадејно почина Којо Куо, швајцарско-камерунската кураторка, која до тогаш беше на позицијата директор на биеналето. Како што наближуваше отворањето и се обзнани дека Русија (после двегодишни отсуства) се враќа со свој павиљон, ЕУ се закани со санкции кон Италија (суспендирање на грант од 2 милиони евра), а контроверзи ги следеа и павиљоните на Израел и Јужна Африка. Само неколку дена пред отворањето, петчленото жири даде колективна оставка, велејќи дека нема да доделува награди на уметници од земји чии лидери се соочуваат со обвинувања за злосторства против човештвото.
Но ова изгледа беше само вовед. Австриската уметница Флорентина Холзингер ја разбранува јавноста со својот провокативен перформанс, во кој гола учесничка виси со главата надолу во огромно ѕвоно, удирајќи во него. Метафорично, поставката под наслов „Сиворлд Венис“ треба да замисли поплавена иднина, огласување на алармот на климатските промени и критика на прекумерниот туризам. Над ѕвоното стои натписот O TEMPORA O MORES (О времиња, о обичаи).
Jужноафриканскиот павиљон, каде требаше да изложува уметницата Габриел Голајат, остана празен, бидејќи нејзината сопствена земја (читај: министерот за култура) го оценила делото посветено на палестинскиот поет Хиба Абу Нада како неподобно - тоа сега е изложено на неофицијална локација вон биеналето.
Во сето ова има и позитивна нота - близу до спомнатиот австриски павиљон се наоѓа најпопуларната „поставка“ - галеб кој си направил гнездо на земја. Вработените ставија дрвена ограда околу него, што многумина го сфатија како уметничко дело.