Букбокс гледанка: „Со среќа, уживај, не умирај“ (2026)

Забавна комбинација на акција-комедија, апокалиптична сатира и референци на популарна култура, што се занимава со една од најголемите современи опсесии: стравот од вештачката интелигенција.

За некаква несериозна идеја или толкување до скоро се велеше „како мали Ѓокица замислува (тоа и тоа)“. Но во „Со среќа, уживај, не умирај“ улогите се заменети - 9-годишно дете кое лесно може да се вика Ѓокица (или Џекица), бледо и со портокалова трага од смоки околу устата, стои зад сложена компјутерска архитектура, која управува со реалност која е пореална од нашава, „обична“ реалност. Со други зборови, во овој филм мали Ѓокица е Бог. 

Единствениот што го знае ова е мистериозен лик од иднината облечен во најлони и кабли (го игра Сем Роквел), кој во огледална сцена на „Еверибади кул, дис ис а робери“ од Палп фикшн, влегува во ресторан во ЛА и вика - „Ова не е грабеж“. Наскоро станува очигледна и уште една референца, од „Граундхог деј“. Ова е негов 117-ти обид да ги одбере вистинските луѓе од просторијата, со кои ќе ја заврши мисијата - да го спаси човештвото од спомнатиот „маг“, кој можеби не е зол по душа (имено, затоа што нема душа), но чии манипулации со онаа човечката прави тие да ја однемаат. 

Главната линија на приказната повремено е испресечена со навраќања на епизоди од животот на некои од нив. Така, професорите Марк и Џејни залудно се обидуваат да го зачуваат човечкиот контакт во училиштата преплавени со технологија. Самохраната мајка Сузан, која го губи својот син во школско пукање, добива можност повторно да комуницира со него преку нова технологија. А младата Ингрид има состојба во која телото бурно и' реагира на секаков вид технологија, што од дете ја направило „отпадник“ од општеството. Овие делчиња наликуваат на етиди од „Блек мирор“ - некои од нив со веќе видени теми, но други со блесави, динамични или трогателни сцени, кои прават инаку прилично долгиот филм (2 часа и 14 минути) да помине доста брзо.

Кога станува збор за референци, на веќе спомнатите се надоврзува уште една - филмот има доста сличности со „Не гледај нагоре“ (Don't Look Up- Букбокс осврт тука), особено во начинот на кој користи апокалиптична приказна за да зборува за современи општествени стравови и колективно порекнување на реалноста. И двата филма комбинираат комедија, сатира и чувство на неизбежна катастрофа. Во „Не гледај нагоре“ заканата е комета што доаѓа кон Земјата, но вистинската тема се медиумите, политиката, капитализмот и неспособноста на општеството сериозно да реагира на опасност. Во „Со среќа...“, заканата е вештачката интелигенција, но и тука фокусот не е само на „машините“, туку на луѓето што доброволно ѝ се препуштаат на технологијата. Иако и ова „доброволно“ е големо прашање, бидејќи таа создава зависност која не дава можност за избор. Освен да уживаш и да гледаш да не умреш.

Илина, Букбокс

11 мај 2026 - 09:01