Научната фантастика како жанр е познато поле за сатиричен натпревар меѓу уметниците и политичарите. Во овој филм клишето на „комета наближува кон Земјата, леле-леле!“ е употребено за нешто што треба да претставува провокативна сатира. На моменти премногу пародичен за да биде сфатен сериозно, тој сепак посочува на куп проблеми, пред сè со американската политика, но и со глобалните медиуми и релативизацијата на секоја вистина, дури и онаа која со 99,8% веројатност вели дека доаѓа крајот на светот.
Професорот по астрономија Рендал Минди (Леонардо ди Каприо) и неговата студентка Кејт Дибиаски (Џенифер Лоренс) откриваат комета чија траекторија води до директен судар со Земјата. Човештвото има нешто повеќе од шест месеци да ги собере своите најумни глави и да смисли некакво решение. Логичен прв чекор е информирањето на државниот врв, претседателката на САД (Мерил Стрип), која на скалата на катастрофични вести многу повеќе е насекирана за некаков скандал во локалната политика отколку за глобалната закана.
Кога сфаќа дека дури ни НАСА (во филмот раководена од политички поставен бивш анестезиолог) не ги зема за сериозно, тимот „кометаши“ се обидува да ја прошири веста преку медиумите, на едно од најгледаните ТВ шоу програми. Интервјуто со нив е по прилог за раскинувањето на поп-ѕвезда (ја игра Аријана Гранде) со нејзиниот неверен дечко, и нивното помирување директно во етерот. Сведувајќи ја веста за апокалипсата на „тралалајка“, шоуто успева само да генерира куп мемиња и твитови, на кои Дибиаски расчеречува бебиња или е монтирана до Чарлс Менсон, а Минди е „сладок пророк на уништувањето“ (и покрај тоа што сакото видливо му пука по шавови поради пивското стомаче).
Збрката која следи го отргнува вниманието од главната тема, но само до моментот кога на небото не почне јасно да се гледа кометата и нејзината долга и светла опашка. Тогаш веќе мора да се заземе страна, онаа која порачува да се погледне нагоре и човештвото да понесе одговорност, или онаа која наредува да се наведне главата и да се гледа само пред себе и во мобилниот. Тука всушност и нема доследност во смисла на десница-левица, туку секој го пропагира она што му одговара во моментот. Науката не успева да се наметне, па на крај решението го нуди тек-гуру по фризура и однесување сличен на Џобс (или на остарена верзија од Илон Маск?) кој е мотивиран да ја среди кометата не затоа што сака да го спаси човештвото, туку затоа што во нејзиниот состав има скапоцени материјали за производство на компјутерски делови.
Впечатокот е дека дел од престрогите критики се резултат на долгиот и скап список ѕвезди за кои се очекува да бидат подобро „употребени“ (освен спомнатите тука се и Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе, Џона Хил, Тајлер Пери). Да не беше на Нетфликс туку на некоја поскромна продукција тој сигурно ќе беше подобро оценет, ако ништо друго како „отпорашки“ кон мејнстрим филмската индустрија. Вака, тој по божикното премиерно прикажување веројатно брзо ќе биде заборавен. Додека кометата, астероидот или нашата сопствена глупост, забрзано патуваат накај нас.
Илина, Букбокс