Зошто западни бизнисмени се враќаат избезумени од Кина?

Првиот човек на американскиот автомобилски гигант Форд, после посетата на колегите и конкурентите од Кина помислува дека ако брзо не се фати чекор со нив, комотно можат да стават клуч на врата. Не е единствениот, особено оние кои ги виделе „темните фабрики“ каде што не се палат сијалици. Зошто? Затоа што што ќе му е на робот светло? 

За извршниот директор на Форд, патувањето во Кина бил отрезнувачки удар на реалноста.

По посетата на низа фабрики, Џим Фарли бил воодушевен од техничките иновации што се пакуваат во кинеските автомобили - од софтвер за самостојно возење до препознавање лица.

„Нивната цена и квалитетот на нивните возила се далеку подобри од она што го гледам на Запад“, предупреди Фарли. „Ние сме во глобална конкуренција со Кина, а тоа не се само електрични возила. Ако го изгубиме ова, немаме иднина во Форд.“

Шефот на американската автомобилска индустрија не е единствениот извршен директор од Запад кој се вратил потресен по посетата на Далечниот Исток.

Ендру Форест, австралискиот милијардер од рударскиот гигант Фортескју - кој инвестира масовно во зелена енергија - вели дека неговите патувања во Кина го убедиле да се откаже од обидите  неговата компанија да се бави со производство на било што поврзано со електрични возила. 

„Можам да ве однесам во фабрики во Кина, каде што ќе бидете покрај огромна подвижна лента, а машини ќе излезат од подот и ќе почнат да склопуваат делови. Ја следите лентата и после околу 800, 900 метри, излегува камион! Нема луѓе - сè е роботизирано.“

Некои од фабриките постојано се во црна темница бидејќи таму воопшто нема луѓе па нема потреба да се палат светла.

Западните топ менаџери кои се враќаат од Кина се согласни дека промените се видливи и сериозни и дека од „светска работилница“ која се темели на ниски плати и владини субвенции, Кина чудесно се има трансформирано во земја со огромен број висококвалификувани луѓе со завидни потенцијали за технолошки иновации.  

„Во стратегијата од 2015 година, Кина ја идентификуваше роботизацијата на индустријата како еден од клучните фактори за економскиот напредок и фаќање подобра позиција во глобалната трка на економиите. Десет години подоцна, на секој инсталиран фабрички робот во САД, Кина инсталира девет. Роботите не се само многу туку се и нивни“, пишавме во статијата „Кина има повеќе фабрички роботи од цел свет заедно

15 октомври 2025 - 11:28