Кина има повеќе фабрички роботи од цел свет заедно

Во стратегијата од 2015 година, Кина ја идентификуваше роботизацијата на индустријата како еден од клучните фактори за економскиот напредок и фаќање подобра позиција во глобалната трка на економиите. Десет години подоцна, на секој инсталиран фабрички робот во САД, Кина инсталира девет. Роботите не се само многу туку се и нивни.     

Последниот извештај на Меѓународната федерација за роботика, глобална трговска група која ја следи индустријата вели дека кинеските фабрики само лани инсталирале речиси 300.000 нови индустриски роботи. За перспектива, Соединетите Американски Држави, најголемата економија во светот, инсталирале само 34.000. За секој нов робот што ќе рмба на американска производствена линија, Кина вклучила речиси девет.

Вкупно, бројот на индустриски роботи што работат во Кина е пет пати поголем од бројот во САД, а според проценките, повеќе и од остатокот од светот заедно.

Тоа е новата кинеска армија од работници што целосно го менува начинот на кој се прават работите.

Не помалку воочлива е генералната доминација на Азија во светот на роботиката, при што континентот учествува со неверојатни 74% од сите нови инсталации на индустриски роботи во 2024 година.

Јапонија и Јужна Кореја беа пионери на автоматизацијата, но сега Кина е апсолутен шампион во супер тешка категорија.

Малкумина предвидуваа ваков епилог во државата која беше позната по евтината човечка работна сила. Но нивната стратегија „Произведено во Кина 2025“ ги детектираше растечките трошоци за работна сила, стареењето на населението и зголемената конкуренција.

Кинезите заклучија дека стариот модел е неодржлив и решија да је претворат државата од фабрика во глобална технолошка супер-сила па за врвен национален приоритет беа одредени автоматизацијата и роботизацијата и други напредни технологии како вештачка интелигенција и полупроводниците. 

Државата ја насочи својата огромна моќ и ресурси кон таа цел. И функционираше.

За Кинезите не е важен само бројот на роботи во функција туку тоа тие да бидат од домашно производство. Со години, кинеските фабрики увезува ваква опрема од лидерите во индустријата од Јапонија, Германија и Швајцарија. Но, Пекинг не сакаше да биде клиент туку добавувач.

Пред една деценија, домашно произведените роботи биле едвај околу една четвртина. Лани, кинеските производители продале повеќе роботи во нивната матична земја отколку сите странски добавувачи заедно. Нивниот пазарен удел скокна на речиси 60%. Уделот на Кина во светското производство на роботи скокна на една третина од вкупната глобална понуда, надминувајќи го поранешниот лидер, Јапонија. 

 

4 октомври 2025 - 14:36