
Британскиот актер Стивен Греам, добитник на Еми и ѕвезда на хит-серијата „Адолесценција“ на Нетфликс, започна нов проект со кој ги повикува татковците од целиот свет да им напишат писма на своите синови за тоа што значи да се биде маж. Писмата ќе бидат собрани во книга.
Проектот, создаден во соработка со психологот Орли Клајн, има намера да отвори искрен разговор за машкоста, татковството и предизвиците со кои денешните момчиња се соочуваат. „Денес постои можеби поголем јаз меѓу татковците и синовите отколку кога било порано“, изјавил Греам. „Сакаме да ги слушнеме сите – нови татковци, отсутни татковци, оние што биле тука но никогаш навистина не биле присутни и оние што едноставно сакаат да најдат начин да кажат ‘те сакам’.“
Писмата може да се испраќаат преку веб-страницата letterstooursons.co.uk од 15 октомври до 12 јануари 2026 година. Одбраните текстови ќе бидат објавени заедно со прилози од Греам и други познати личности во форма на книга.
Проектот произлегува од успехот на серијата серијата, која Греам ја ко-креираше и која стана втора најгледана англискојазична програма на Нетфликс глобално. Серијата ги истражуваше современите машки идентитети и притисоците врз тинејџерите во дигиталниот свет, поттикнувајќи широка дебата за улогата на татковците, машките модели на однесување и токсичните онлајн влијанија.
Парламентарката Анилис Мидгли дури предложи серијата да се прикажува во училиштата и парламентот, оценувајќи дека може да помогне во борбата против насилството врз жени и девојки. Премиерот Кир Стармер ја поддржа идејата, изјавувајќи дека гледањето на серијата со своите деца „го погодило право во срце“. Во март годинава беше објавено дека „Адолесценција“ ќе биде достапна бесплатно за сите средни училишта во Велика Британија.
Идејата за книгата потекнува од лично искуство на Орли Клајн – кога нејзиниот син наполнил 13 години, таа ги замолила своите машки пријатели да му напишат писма со совети за растење и зрелост. Еден заеднички познаник ја поврзал со Греам, а од тој разговор се родила замислата за заеднички проект.
Клајн, која академски се занимава со теми на маргинализација, идентитет и младинска култура, претходно работела на иницијативата Room to Rant, што го користи рапот како терапевтски инструмент за млади мажи.
Идејата за „Писма до нашите синови“ доаѓа во време кога експертите предупредуваат на растечкото влијание на таканаречената „маносфера“ – онлајн простори кои шират мизогинија и екстремистички ставови меѓу момчињата. Издавачот Блумсбери ја опиша книгата како „проект со потенцијал да поттикне вистинско општествено и културно движење“. За секое објавено писмо, Греам и Клајн ќе донираат средства на хуманитарни организации кои им помагаат на млади мажи кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје.
Види претходно: Букбокс гледанка за „Адолесценција“