„Со огромна тага ја потврдуваме смртта на нашиот пријател и колега, Ентони Бордејн“, изјавија од Си-ен-ен, телевизијата на која тој во моментот ја работеше серијата Parts Unkown. „Неговата љубов за авантура, нови пријатели, добра храна и пиење, и неверојатните приказни кои ги кажуваше за светот го правеа уникатен раскажувач. Неговите таленти не престанаа да нè восхитуваат. Многу ќе ни недостасува“.
Бордејн во моментот на смртта бил во Франција и работел на нова епизода од наградуваната серија. Неговиот близок пријател Ерик Рипер, француски готвач, го пронашол мртов во хотелската соба во Стразбур денес (петок) наутро.
„Елвис на фраерските готвачи“, „оригиналната рок ѕвезда“, ова се само некои од епитетите кои заслужено ги носеше. Неговиот подем започна со бестселерот од 2000, „Доверливо од кујната: авантури од кулинарското подземје“ (за кој пишувавме осврт тука). Потоа ја хостираше првата емисија, „Турата на еден готвач“ на Фуд нетворк, а следуваше „Ентони Бордејн: без резервации“ на каналот Травел. Оваа емисија стана хит, што му донесе две Еми награди. Во 2013 почна да работи шоу на Си-ен-ен, кое минатиот месец ја стартуваше единаесетата сезона, а за потребите на снимањето на пат минуваше и по 250 денови годишно.
Знаеше без двоумење да проголта манџа направена од племе во Либерија, да испие свежа крв на свињокољ во Чешка, да се пробива со мачета низ густежот на Панама, или на општо запрепастување на персоналот, да изеде единаесет порции различни видови риба во Токио, од кои последната парче жива јагула. Требаше да се биде храбар и малку луд да се биде Бордејн, и тоа сигурно не било секогаш лесно. Беше кавгаџија кој често ги хејташе другите славни личности од светот на готвењето. Од него ги научивме 10-те правила за печење месо на скара, но и куп животни лекции. Запрашан во една прилика кој би сакал да му бидел последниот оброк, тој одбра печена коскена срцевина, со салата од магдонос и капри, неколку тостирани парчиња багет со добра морска сол, и чаша пиво Гинис. Притоа посака или да јаде сам, или со збирштина познати луѓе, и живи и мртви, меѓу кои Ава Гарднер и Орсон Велс.
Му посакуваме да ги сретне, таму горе, а ние во негова чест ќе ја распафтаме скарата.