Јержи Анджејевски (1909-1083) е полски автор кој во своите дела главно го истражува холокаустот и однесувањето на Полјаците во однос на ова прашање. Велат дека по војната често ги менувал политичките ставови, бил морално колеблив и арогантен. Но во неговите дела е храбар, особено во стилистичка смисла.
Романот „Рајски порти“ е објавен во 1960 и се состои од 40.000 зборови oдносно отприлика 150-тина страници, но тие се организирани во само две реченици, речиси без интерпункција. Притоа, втората реченица во оригинал се состои од само четири зборови - "I szli całą noc" (И пешачеа цела ноќ).
Книгата раскажува за тн. детски крстоносен поход од 1212. Недостатокот на релевантни историски извори предизвикува прелевање на митот и вистината за овој настан. Двајца млади овчари, Николас од Келн и Стефан од францускиот град Клој, под влијание на нешто што го опишале како божјо указание, повеле експедиција од илјадници луѓе на пат кон Светата земја. Првата, германска група, не стигнала подалеку од Италија, а француската не излегла дури ни од земјата. Легендата вели дека децата сакале да го преземат Ерусалим преку мирна конверзија на муслиманите во христијанство, но биле предадени од перфидни трговци и продадени како робови во Тунис.
Анджејевски не се интересира за разоткривање на историската вистина, туку ја користи приказната како алатка за сопствените преокупации: верата и фанатизмот, влегувањето на младите луѓе во корумпираниот свет на возрасните, комплексноста на човечките мотиви итн. И сето тоа низ само две реченици.
Авторот ова го постигнува со често повторување, на тој начин доловувајќи ги ритмичките чекори на луѓето во процесијата. Така на пример стапалата на стариот свештеник кој ги придружува крстоносците се опишани како „тешки и отечени“, за потоа на повеќе пати да бидат спомнати како „голите и отечени стапала на старецот“, „неговите стапала, неговите голи стапала“, „неговите големи отечени стапала“. И внатрешните чувства и мисли на ликовите се повторуваат, како во некоја молитва. Истиот свештеник на повеќе пати му се обраќа на Бога да не се оствари мрачната визија на иднината на бесконечна војна помеѓу луѓето: „нека овој кошмар никогаш не се претвори во реалност“, „нека овој суров сон не стане стварност“, „никогаш да не дојде денот овој мој суров сон да с оствари“ итн. На овој начин напишаното почнува да звучи како мантра, но таква која е нестабилна и ја менува формата, симболично искажувајќи ги и сомнежите и дилемите на ликовите.
Во 1968 славниот полски режисер Анжеј Вајда снима филм според книгата, во копродукција со Авала филм од тогашна Југославија, и со него учествува на 18-тиот Берлински филмски фестивал.