Во текстот посветен на отварањето на новата централна библиотека во главниот град на Финска, градена 20 години а отворена на 101 годишнината од независноста на земјата, спомнавме дека дел од технолошките иновации во неа се и „книгоносечки роботи“. Но освен овие мобилни роботчиња кои изгледаат како подвижни платформи за пренос на книги и се викаат MiR200, креаторите на библиотеката размислувале како да користат тн. „социјални роботи“, кои би им помагале на децата, да читаат, и би им давале инструкции на посетителите на неколку јазици, на пример како да се снајдат низ големата библиотека или како да ги користат бесплатните 3д принтери.
Една од причините за правење на еден ваков робот е заштедата на време на библиотекарите, кои се преквалификувани за само да даваат насоки кога некој ќе праша, на пример, „каде е одделот за филозофија?“, што одзема 1-3 минути по посетител, но може да одземе и цел ден кој би се поминал во одговарање на вакви прашања.
Токму тука стапува на сцена роботчето, на кое не му пречат вакви задачи. Станува збор за напреден модел на спомнатиот мобилен робот кој библиотеката веќе го имала, но овој пат со пристап до дата-базата на Ооди и увид во тоа дали одредена книга е достапна и на соодветната полица. Земено е предвид и тоа дека некои посетители се срамат да им пристапат на човечките библиотекари, но дека со роботот не би имале проблем да комуницираат.
Дизајнерскиот тим кој се состоел од библиотекари, корисници на библиотеката и роботичари, дефинирале некои од карактеристиките кои тој би требало да ги има: да не зборува туку да бипка, свети или да се движи, да има екран на допир (за да не ечи низ библиотеката кога луѓето ќе се обидуваат да се разберат со него со говор), интерфејсот да е едноставен и за некој што не се разбира од технологија, и да не се мава во мебелот додека се движи.
По првичното тестирање (на деца) е забележано дека дизајнот е премногу апстрактен за тие да можат да комуницираат со него како со нешто живо, па му се додадени очиња. Но приказната не завршила тука - во него се вградени внатрешни драјвови кои го прават по социјален, односно се вградени чувства, во опсег од лут до позитивно возбуден и среќен (за оние кои повеќе се разбираат од „афективно програмирање“ кодот кој е користен е тука). Начинот на кој се искажуваат тие чувства е преку испуштање звуци и движење на очите - кога роботот е среќен весело потпевнува додека го носи клиентот до книгата, а ако му е здодевно пушта светлосни сигнали за некој да го забележи.
Тестирањето поминало одлично - роботчето по име Веера ги носело читателите до посакуваните книги, а ним им се придружувале групи на луѓе кои ги следеле чисто од љубопитство. Некои дури сакале и да го погалат роботот. Само една 60-годишна жена гласно извикала „Нема да пробувам некој си таму робот!“ и луто излегла од библиотеката.
Употребата на роботчето е се уште во експериментална фаза, но покажува каде би можела да води иднината во библиотекарството.