Библиотеката Ооди (со значење “ода“), лоцирана во срцето на Хелсинки, се градеше 20 години. Беше отворена вчера, 5.12, спроти денот на одбележувањето 101 годишнина од независноста на земјата од Русија.
Распространета на површина од 16.000 метри квадратни, таа е волшебна структура од дрво и стакло во форма на брод, која се состои речиси исклучиво од јавни простори. Не само што располага со фонд од 100.000 книги за издавање, туку нуди широк опсег на услуги, од кои поголемиот дел ја промовираат дигиталната култура.
Проектот кој чини 98 милиони евра е уреден на три нивоа: највисокиот е посветен на традиционални библиотечни функции, со широка тераса и прекрасен поглед на градот. Средниот е посветен на „учење преку правење“, со аудио-визуелни студија за снимање, 3Д принтери (на кои корисниците можат да си испечатат на пример делови од лични расипани електронски уреди и да ги заменат), компјутеризирани машини за шиење и везење и опрема за дигитално резбање дрво. Тука може да се позајми и алат, музички инструменти или да се играат видео игри. Приземјето служи како некој вид плоштад со изложбени сали, кафанчиња и кино сала. И сите библиотечни услуги се - бесплатни!
(штанд за позајмување таблети)
Во библиотеката работи и „чета“ книгоносечки роботи, мали сиви вагони кои влегуваат и излегуваат од лифтовите одбегнувајќи ги луѓето и мебелот, поставувајќи ги позајмените книги на соодветните места. Детските книги не се чуваат одделно, но акустиката е така планирана што иако просторот е отворен и без ѕидови, дури и толпа деца да вреват на едниот крај, тие не се слушаат на другиот. Одлуката тие да се помешаат со возрасните, според раководителката на библиотечната служба, е за во библиотеката да се слуша „гласот на иднината“.
Во 2016 ОН ја прогласи финската за најписмена нација на светот, а Финците се и најентузијастични корисници на јавни библиотеки. Таа е една од ретките земји кои имаат донесено Библиотечен закон според кој библиотеките мораат да останат бесплатни за употреба и да располагаат со одреден број квалификуван кадар во зависност од бројот на население кое го опслужува. Финска брои 5.5 жители, а тие позајмуваат 68 милиони книги годишно.
Го завршуваме текстот со изјавата на извршниот директор за култура и слободно време на градот Хелсинки (да, имаат таква градска функција):
„Често мислиме дека нештата како социјална кохезија или демократија се само зборови, но во ваквите простори тие се отелотворуваат. Потребна ви е општествена инфраструктура за заедниците да функционираат. Не можете да ги градите само врз пријателство, или врз апстрактната идеја за заеднички живот“.