Финците се опседнати со пеење во јавност, кое комбинирано со нивната традиционална приврзаност кон алкохолот знае да даде непосакувани резултати, и за оној кој пее, и за оние кои го слушаат. Една библиотека во градот Вантаа, четвртиот град по населеност во оваа земја, има решение за ова.
Библиотеките низ светот секојдневно се ставени во ситуација да пронаоѓаат креативни решенија за одржување на нивното членство. Библиотеката Тикурила, инспириранa од големата популарност на караокето, сега нуди звучно изолирана просторија со караоке машина, наменета за луѓе на кои можеби им е незгодно да пеат во кафана, а сепак сакаат да се издуваат на микрофон.
Колку е популарно караокето во Финска се гледа и по тоа што во земја од 5,5 милиони луѓе, во додуша далечната 2005, имало 2,000 вакви барови (а денес се сигурно многу повеќе). Во Финска е основан и Светскиот шампионат во караоке. Во 2007 е излезена фото-монографија под наслов „Караокеканса“ (Караоке нација, фото горе) на Јуусо Вестерлунд, за парадоксално срамежливите Финци кои кога зборуваат со вас имаат проблем да ве погледнат в очи, а сепак се доволно храбри секоја вечер да пеат пред непознати луѓе во зачадената атмосфера на караоке баровите.
Вработените во библиотеката велат дека предност во однос на баровите е што во оваа нивната „караоке зона“ може музички да се релаксирате „во неалкохолизиран контекст“, па дури и за време на паузите од работа.