Во својот текст „Урбани кучиња користени за работа во доцниот среден век“ историчарката Керол Роклиф открива една сосема поинаква слика за „најдобриот човеков пријател“. Вообичаено како животни кои се експлоатирани во човечкиот трудов процес се спомнуваат коњи, волови и магариња но не и кучиња. Таа открива дека некои видови кучиња сепак биле користени за домашни работи или како извор на приход за нивните господари.
Кучиња, на пример, вртеле ражени во кујните, притоа сигурно тешко воздржувајќи се да не го пролапаат месото. Други биле учени да прават трикови пред публика и на тој начин станувале некој вид циркуски животни. Еден посебен вид куче, претходник на пит-бул териерот, работел за касапи помагајќи им да ги донесат животните од селските имоти до кланицата. Грижата за нив била едноставна бидејќи сосема добро живееле од остатоците од убиените животи. Судија од Саутхемптон се пожалил во врска со навиката месарите да им фрлаат воловски глави на нивните кучиња на градските улици, што ги вознемирувало граѓаните и било спротивно на „чесниот ред на овој град“.
Голем број кучиња чувале домови, дуќани, па дури и катедрали. Крупните и добро обучени кучиња се продавале за висока цена, а доколку некој убиел такво животно, според шкотскиот закон, за казна требало една година да ја врши чуварската работа на кучето. Највредни биле мастифите, истиот вид кој бил користен за заштита на Лондон бриџ. Опишувани се како „огромни, тврдоглави, грди и желни за борба“.
Но кучињата не секогаш биле добро наградувани за нивната тешка работа. Властите бргу носеле одлуки за оние кои правеле бељи да бидат уништени. Под „бељи“ се подразбирале напади на стада или каснувања на луѓе, кои очигледно биле чести штом во средовековните книги со рецепти за лековити билки и мелеми има и многубројни кои се користеле против каснувања од куче.
Кучиња биле убивани и поради наводната корисност на нивните тела за надрилекарство. Еден лек за манија, на пример, подразбирал ставање на топло тело на младо убиено куче на избричената глава на пациентот. Како лек за туберуклоза, пак, било сугерирано да се сварат тукушто родени кученца и потоа болниот да се искапе во врелата вода која ја имало апсорбирано топлината и здравјето на кученцата.
Дури и за кучињата кои ги одбегнале ваквите тешки судбини, средовековниот живот им бил многу потежок отколку на повеќето денешни.