Шели Мекнамара и Ивон Фарел, овогодинешните добитнички на Прицкеровата награда за архитектура, се основачи на фирмата Графтон Архитектс, која постои веќе 42 години. Името го добила од улицата Графтон во Даблин каде што била првата канцеларија.
До 2003 фирмата немала дизајнирано ниту еден објект надвор од Ирска. Но сето тоа се променило кога таа победила на меѓународен конкурс за дизајн на престижната школа за економија на Универзитетот Луиџи Бокони во Милано (фото горе). Градбата, направена од камен со стаклено приземје, била завршена во 2008 и веднаш станала сензација во архитектонските кругови. Била прогласена за зграда на годината и ги лансирала „Графтон архитекти“ како водечки дизајнери на универзитетски згради. Следеле скапи проекти за планирање на универзитетскиот кампус во Лима, Перу; во Тулуз, Франција (слика доле), а во моментов при крај е проектот за престижната London School of Economics.
„Универзитетот треба да биде место каде знаењето се одгледува како да е градина. Ние сме чувари на тоа знаење“, изјавила Мекнамара на предавање на Кралскиот институт за технологија во Шведска во 2015.
Оваа нивна посветеност на академските простори не е необична ако се знае дека тие паралелно со нивната практична работа како архитекти, целиот свој живот се занимаваат и со универзитетската работа. Предавале архитектура на Универзитетот во Даблин, во Лозана, на Харвард и на Јеил. Во моментов се професори на Академијата за архитектура во Мендрисио, Швајцарија.
Само три жени до сега ја имаат добиено Прицкеровата награда - Заха Хадид во 2004 (самостојно), Казуо Сеџима во 2010 и Карме Пиџем во 2017 (со други добитници).