Во 2013 пишувавме за тоа дека Вилијам Пауел, авторот на „Анархистичкиот готвач“, кој кога ја напишал во 1971 имал 19 години, бара таа „тивко и веднаш да биде отстранета од слободна продажба и да престане да се допечатува“.
Една од најозлогласените книги на минатиот век, од времето на нејзиното издавање е користена како прирачник за правење бомби, саботирање комуникациски уреди и производство на дрога од повеќе генерации кои од неа црпеле практични совети и инспирација. Поврзувана е со киднапирањето авион во 1976 од страна на хрватските националисти, со бомбашкиот напад во Оклахома, како и со убиствата во средното училиште во Колумбајн. Пауел ја напишал во тинејџерските години гневен од претседателствувањето на Ричард Никсон и од Виетнамската војна, врз основа на податоци кои ги наоѓал во Њујоршката јавна библиотека.
И покрај тоа што книгата во некои земји е забранувана, таа е достапна онлајн, а последен пат е доведена во врска со планирано убиство во 2013, кога Карл Пирсон уби соученик а потоа и себеси во гимназија во Денвер, Колорадо. Неговите пријатели подоцна изјавија дека тој со години бил под влијание на „Готвачот“.
По овој настан Пауел призна дека на времето направил голема грешка пишувајќи ја книгата, и дека таа сега треба да се повлече од печатење. Но ова не беше прв пат тој јавно да се откаже од своите идеи. Во 1976 се преобратил во христијанство, потоа работел како учител во Африка и Азија, особено помагајќи им на децата со дислекција и аутизам. Сепак, никогаш не успеал да се „исчисти“ од минатото, особено затоа што издавачите заради комерцијални цели постојано ја реобјавувале (и се уште ја реобјавуваат) неговата книга. Можеби сега, постхумно, ќе му ја исполнат последната желба.
Трејлер за новиот документарец