Книгата која прв пат била отпечатена во 1971 е прирачник за правење бомби, саботирање на комуникациски уреди и производство на дрога. Нејзината содржина никогаш не била сметана за наивна, но работата станала сериозна кога во 1976 хрватските националисти кои киднапираа авион и поставија бомба на њујоршката Grand Central Station изјавија дека биле инспирирани од неа. Таа беше поврзувана и со бомбашкиот напад во Оклахома, како и со убиствата во средното училиште во Колумбајн. Соученик, пак, на Карл Пирсон кој пукаше минатата недела во средно училиште во Колорадо, тврди дека убиецот претходно ја имал кај себе.
„Оваа книга треба тивко и веднаш да биде отстранета од слободна продажба и да престане да се допечатува", реагира нејзиниот автор Вилијам Пауел, кој сега има околу шеесет години и работи како наставник. Тој ја напишал книгата како тинејџер, собирајќи информации од воени прирачници во јавна библиотека во Њујорк. Кога била објавена авторското право останало кај издавачот, така што авторот веќе не можел да го контролира печатењето на книгата. Тој веќе еднаш, во средината на седумдесетите, побарал книгата да се отстрани, но издавачот одбил. Од тогаш правата се продавани неколку пати.
Книгата има доживеано и свои понови верзии од други автори, кои само ја апдејтуваат нејзината содржина со пронајдоци и технолошки изуми карактеристични за новото време. Пауел, во очајнички обид да се огради од сите нив, во 2000 објавил порака на Амазон во кој вели дека кога го напишал „Готвачот" имал 19 години а војната во Виетнам била во својот зенит, исто како и контракултурните движења. Тој бил влучен во антивоеното движење и бројни мировни протести, но книгата ја напишал како резултат на адолесцентскиот гнев и отпор кон тоа да се биде регрутиран за да учествуваш во војна во која не веруваш. Централната идеја на книгата била дека насилството е прифатлив начин за иницирање политичка промена.
Пауел веќе не верува во тоа. Но тоа што во меѓувреме се оженил, станал татко и наставник на адолесценти, и го сменил мислењето во врска со идеите во книгата, не му помага тие неконтролирано да се шират. Така, ова станува еден од најироничните примери за тоа дека делото, откако ќе биде објавено, почнува да води свој живот, независен од авторот.