Едвард Слингерленд предава на Универзитетот во Британска Колумбија и е ко-директор на Центарот за проучување на човечката еволуција, когниција и култура. Неговата нова книга има наслов „Пијани: нашиот пат до цивилизацијата низ голтки, танцување и тетеравење“. Иако звучи необично, истражувањето од кое тргнало нејзиното пишување има врска со еволуцијата на религијата, културниот идентитет и проблемите на соработката во големи општества. Така, со по некоја чашка виски во паузите, тој стигнал до тезата дека токму алкохолот во кризни моменти и за поединците и за колективот успевал да ги намали тензиите и да обезбеди релативно мирен премин преку конфликтите (освен повремено кршење кафанска столица од нечија глава).
Истражувајќи го алкохолот низ призмата на археологијата, историјата, когнитивната невронаука, фармакопсихологијата, книжевноста и генетиката, Слингерленд сакал да сфати зошто историски намерно се имаме труено со алкохол, и зошто тоа според него ова е добро за човештвото како род?
Еве ги на кратко неговите аргументи:
Алкохолот води кон кретивност
Ова го знаат сите пијани писатели и рок ѕвезди - алкохолот помага во тоа да си спонтан и го релаксира умот. Ова секако важи за една-две пијачки, кога мозокот станува подобар во решавање тн. латерални умствени задачи и е подобар во регулирање меѓучовечки односи. За ова погледнете го Оскаровецот „Уште една тура“.
Алкохолот подмладува
Префронталниот кортекс, кој го регулира социјалното однесување и носењето одлуки, е последниот дел од мозокот кој созрева. Алкохолот може да го забави овој процес кој е непријател на креативноста. За добро или за лошо, хемиските интоксиканти можат да ни го разбудат детскиот ум и флексибилноста.
Алкохолот спојува
Кога ќе седнеш во непознато друштво никој од прва не ти нуди јогурт. Затоа што тој не помага да го спуштиш гардот и да се препуштиш на атмосферата. Истовремено, експерименти покажуваат дека заедничкото пиење овозможува градење групен идентитет, меѓучовечка хемија и отварање кон другите.
Не е пиење, туку „филозофски хедонизам“
Особено во денешно време на нео-прохибиција од секаков вид, и генерален страв од секаков ризик, очајно ни треба едноставна радост. А што е порадосно од конзерва пиво во друштво гледајќи како победува твојот фудбалски тим?
Поврзано со истиот автор:
Заедничкото пиење е лукав тест на доверба
Како да се трудиш без да се трудиш