Едвард Слингерленд (чие целосно име е Едвард Гилман Слингерленд Трети) е професор по азиски студии на Универзитетот Британска Колумбија во Канада. Има објавено неколку книги кои се обидуваат да ја интегрираат западната со источната мисла, телото и умот, науката и уметноста. Негова веројатно најдобро продавана книга е „Обиди се да не се обидуваш: древна Кина, модерната наука и моќта на спонтаноста“. Станува збор за концептот на ву-веј (wu-wei) на раните кинески филозофи, кои го промовираат овој релаксиран, лежерен начин на живеење, сличен на теоријата на „протокот“ (flow) нa Михали Чиксентмихали за која пишувавме тука.
Еден од агенсите кои нам, на тензичните и недоверливите припадници на современата култура, ни овозможуваат да се релаксираме и да ги пречекориме социјалните бариери е алкохолот. Но според Слингерленд тој има уште една битна карактеристика - заедничкото опивање е социјална технологија која е корисна за тестирање на степенот на доверба кон другите.
Ова се културни практики базирани на фактот дека во секојдневниот живот (без алкохол и други стимуланси), измамата е дело на студен разум и се потпира на когнитивни центри на контрола. Ова значи дека за да ги инхибираме ваквите контролни механизми на луѓето чии табиети се обидуваме да ги просудиме, тогаш е подобро прво убаво да се начукаме, барабар со нив.
Еден од главните ефекти на алкохолот и другите интоксиканти е привремена парализа на областите на префронталниот кортекс, поврзан со когнитивна контрола. Оттаму не е чудно што тие често се користат како „социјални подмачкувачи“. Алкохол, кафе, канабис, магични печурки...Во древна Кина ниту еден важен договор не бил потпишуван пред прво сите да учествуваат во гозба натопена со алкохол. И ова се нема променето над 4000 години.
Опивањето во суштина е чин на ментално разоружување. На истиот начин на кој ракувањето покажува дека оние кои се ракуваат не носат оружје, заедничкото мавање неколку ракии е знак дека префронталниот кортекс може да одмори. Но и дека се чувствуваме толку блиски што тоа не би требало да е проблем.