Унгарскиот професор со најтешко презиме на свет, Михали Чиксентмихали (Mihaly Czikszentmihalyi) е поранешен раководител на одделението по психологија на Универзитетот Чикаго, најпознат по неговите истражувања на среќата и креативноста. Се смета за архитект на теоријата на протокот (flow), која вели дека среќата е всушност состојба во која луѓето се толку занесени со некоја активност што ништо друго не им е важно, нешто како кога сте во „зоната". Тоа е оптимална состојба на внатрешна мотивација, целосна апсорбираност во мигот, во кој не е присутна ниту една од вообичаените секирации (храна, време итн). Со еден збор - Чиксентмихали ја опишува состојбата на раат.
Но тука нè интересира една друга негова теорија, на која се однесува неговата книга „Креативност: психологија на откритија и пронајдоци" (2013), во која тој истражува една посебна предиспозиција на креативниот ум, родовоста на неговиот сопственик.
„Креативните поединци до одреден степен ги надминуваат ригидните родови стереотипи. Креативните и талентирани девојчиња се подоминантни и поиздржливи од другите девојчиња, а креативните момчиња се почувствителни и помалку агресивни од нивните машки врсници", вели тој. И оваа карактеристика која тој ја нарекува „психолошка андрогиност" нема (или барем не мора да има) врска со хомосексуална ориентација, туку претставува збир на психоемоционални својства кој овозможува поинаков и поширок опсег на чувства и оттаму поголем капацитет за креација.
Чиксентмихали цитира резултати од истражување кое го спровел со неговиот тим, при што детално биле интервјуирани 91 испитаници, меѓу кои и легендарниот социобиолог Е. О. Вилсон, филозофот Мортимер Адлер, историчарот на наука Стивен Џеј Гулд, астрономот Вера Рубин и други.
„Беше очигледно дека жените уметници и научници беа многу посамоуверени и отворено агресивни во споредба со вообичаеното однесување на жените во нашето општество. Мажите пак покажуваа поголема преокупација со семејството и суптилните аспекти на нивната околина, кои другите мажи обично ги сметаат за неважни. Но и покрај овие својства, тие ги поседуваа и оние ’вообичаените’ за нивниот род".
Заклучок: џабе што ќе земеш жена-астроном, кога пак ќе ти мрчи дека не си се сетил на годишнината. И џабе што ќе земеш креативен маж, кога системски вашиот однос главно ќе изгледа вака: