„Паразит“ на Бонг Џун Хо (режисерот на „Сноупирсер“ и „Окџа“ за коишто пишувавме тука и тука), ја раскажува приказната за сиромашното семејство од Сеул кое со измами успева да се вовлече во домот на свои богати сограѓани. Прв е синот кој успева да стане наставник на една од ќерките на Паркови. Наскоро и неговата сестра и родителите добиваат различни помошнички позиции, без домаќините да се посомневаат дека тие се меѓусебно поврзани.
Иако станува збор за далечна земја и култура, филмот е разбирлив во различни општествени контексти, бидејќи речиси и да нема таков кој не е допрен од долгата рака на глобалната криза која го брише средниот слој и создава јаз помеѓу класите. Истата тема тој веќе ја има третирано во претходните филмови, но за разлика од фантастиката во нив, „Паразит“ е сосема реалистичен, или барем веројатен, и покрај тоа што содржи неочекувани пресврти и хорор моменти. Сепак, чувството коешто го остава е дека тој е повеќе најава за нешта кои следат, отколку коментар на актуелни настани. За правењето на филмот биле интервјуирани реални слугинки, тутори и шофери, а се водело сметка и за локациите, двата „огледални“ домови на двете семејства, кои се главните симболички маркери на статусот на нивните жители.
Филмот, со заработените 11.3 милиони во САД за пет викенда до сега, претставува арт-хаус феномен, иако е далеку од 128-те милиони на „Ползечки тигар, скриен змеј“ на Анг Ли, и „Животот е убав“ на Роберто Бењини со 57 милиони. Минатата година „Рома“ на Алфонско Куарон дојде блиску до тоа да биде првиот неанглиски филм закитен со Оскар во 90-годишната историја на ова признание. До сега само девет вакви филмови, кои биле прикажувани во комерцијални кино-сали во Лос Анѓелес што е услов за номинација, успеале да влезат во конкуренција, но не и да го добијат Оскарот.
Во меѓувреме „Паразит“ е хит на социјалните мрежи, особено песничката која ја користи сестрата од сиромашното семејство за да го запомни својот лажен идентитет, вообичаено средство за памтење помеѓу основците во Кореја.