Најдено во преводот

Антологиската лингвистичка сцена во „Окџа“

Понекогаш најдобрите филмски моменти минуваат незабележано доколку немате широко отворени очи. За овој пак треба широко отворени уши, но и знаење странски јазици. Во случајов - корејски.

Новиот филм на Јужнокореанецот Бонг Џун Хо (негов е и „Сноупирсер“, за кого пишувавме тука) предизвика дискусии кога беше прикажан во официјалната конкуренција на овогодинешниот Кански фестивал, затоа што тоа беше прв пат во конкуренција да влезат два филма продуцирани од видео стриминг сервис - во случајов Нетфликс - а притоа да не се во план за прикажување во француските кина.

За оние што се уште не го гледале, „Окџа“ е топла приказна за девојчето Миџа и нејзината миленичка - огромна прасица, нежна, јужнокорејска верзија на И-ти. Животното е всушност резултат на генетски инженеринг кој го прави извесна корпорација Монсанто (чија сопственичка ја игра Тилда Свинтон), а чија цел е добивање квалитетно месо, кое би се продавало како „органско“.

За да ја прикрие вистинската природа на својата работа, која вклучува малтретирање животни и нивна сурова егзекуција, Монсанто прави ПР кампања, со тоа што на дваесетина фармери низ светот им доделува на чување прасиња, а потоа, по истекот на 10 години, организира натпревар за најубавиот (демек природно одгледан) примерок.

Така, Окџа и Миџа, која е сираче која живее со деда си, практично се растени заедно, во изолиран предел некаде во корејските планини. Десетте години изминуваат, и корпорацијата доаѓа по својот „трофеј“ - најубавото прасе на светот, за да го претвори во ребренца и кртина. Но во моментот кога нејзини претставници ја земаат за да ја носат најпрвин во Њујорк на свеченоста по повод завршувањето на проектот, а потоа во кланица, Миџа самата тргнува да ја спаси.

И тука доаѓа една сцена чие значење веројатно го имаат пропуштено дури и оние кои го имаат гледано филмот (освен доколку не зборуваат корејски). На својата авантура Миџа се среќава со членови на Фронтот за ослободување животни, кои откако еднаш ја киднапираат Окџа сугерираат таа биде предадена во рацете на непријателот, но со вградена камера за да може да ја сними сета вистина за она што се случува во неговите погони. Бидејќи водачот сака да биде коректен и фер, тој не сака тоа да го направи без одобрување од Миџа.

Но Миџа не зборува англиски, па целото преговарање оди преку преведувач, Кореанец со американско потекло под анархистички прекар „К“. Прашана што сака да направи, таа вели дека сè што сака е да се врати во планините со Окџа. Но К лаже и вели дека таа се согласува со планот, што наидува на општо воодушевување на „герилците“. Последните зборови кои К и ги упатува на Миџа, барем според титлот, се „Обиди се да научиш англиски. Тоа отвара нови врати“.

Ова е погрешен, но намерно погрешен превод, кој може да биде сфатен само од некој кој зборува корејски. К всушност вели „Моето име е Ку Сун-бум“, нешто како кога Македонец би рекол „Ја се викам (пример) Стојанче Мрднатиот“. Вистинската порака оттаму не е „учи англиски“ туку обратно - дајте луѓе баталете за момент тоа англискиот и научете некој друг јазик, за да не ве заебаваат локалци и цела филмска индустрија.

За финтата да биде уште појака, откако лагата со преводот ќе биде откриена и шефот му се заканува со исфрлување од организацијата, К на раката си тетовира - „Преводите се свети“.

На сценаристот и режисер Бонг Џун Хо му се оддава признание дека преку неговите филмови навистина прави културолошки „превод“ и мост помеѓу јужнокорејската и западната култура. И притоа јасно ни укажува на тоа дека таквиот превод може (и често е) основа за манипулација. Која може да се избегне само ако се учат странски јазици, и ако се води сметка за значењата на туѓите култури.

ПС А про по „превод“, конечно сфативме чија била музиката во битни сцени во филмот, која ни звучеше толку неодоливо позната

 

3 јули 2017 - 11:47