За да излезе на крај со глобалното затоплување, човештвото измислува некаква хемикалија за ладење на атмосферата, чие неконтролирано користење доведува до ново ледено доба. Оние кои успеваат да не се смрзнат, последните примероци на човечкиот род, се наоѓаат на воз наречен Сноупирсер, кој како Ноева арка на шини непрекинато се движи низ светот. На него е формирано хоризонтално класно општество - сиромасите во ужасни услови во задните вагони хранети со црно протеинско желе од мелени инсекти, олигарсите во луксузните коли поблиску до локомотивата, со шампањ и суши.
Целиот воз е самоодржлив еко-систем, раководен од неговиот создавач, богатиот индустријалец Вилфорд и воено-политичката структура која му служи, главно за да ги контролира случувањата во опашката. Негова десна рака, „Министерка за внатрешни работи“, која го одржува редот и мирот, ја игра непрепознатливата и одлична Тилда Свинтон.
По седумнаесет години живот во нечовечки услови (годината е околу 2030-та), и по неколку неуспешни побуни, „народот" кој патува во возот е повторно подготвен за револуција - заземање на стратешките простории (генераторот за вода) и освојување на локомотивата (по марксистички: средствата за производство).
Извесен Кертис (го игра Крис Еванс, „Капетан Америка") е одбран да ја води битката, од страна на постариот но физички немоќен идеолог на отпорот, Гилијам (Џон Харт). Во тоа треба да им помогне еден од инженерите кој го има дизајнирано целиот систем на обезбедување на возот, а кој во моментот е хиберниран, заради навлеченост на дрога која се добива од индустриски отпад. Ветувајќи му доза за секоја успешно отворена врата, бунтовниците успеваат да го придобијат и да почнат со нивното напредување.
Жртвите се бројни и крвави, а сцените вклучуваат сурови пресметки со секири, копја, огнено оружје и голи раце. Како што групата напредува, така сценографијата станува сè понадреална и порајска, од вагон којшто целиот е претворен во ботаничка градина, преку живописни училници за индоктринација на младите генерации, до бучна дискотека и стаклен вагон-аквариум. Групата по пат драстично се намалува, и додека станува јасно дека малкумина ќе го преживеат масакрот, прашањето што е она за што се борат, и што ќе се случи дури и да ја освојат локомотивата, станува сè понејасно.
Кертис успева конечно да дојде до „мастермајндот" - Вилфорд (Ед Харис) мирно си пече бифтечиња во пењоар, откривајќи му ја страотната вистина за начинот на кој функционираат работите во возот. За да се симулира дарвинистички опстанок на видовите и да се одржува оптималниот број на население „опашката" и „главата" на возот соработуваат во организирањето (лажни) побуни кои се само повод за требење на оние најагресивните и најопасните. Балансирањето помеѓу хаосот и редот е она што го одржува системот, дури и кога обете се само илузија.
Вилфорд открива дека блиску соработувал со Гилијам - духовниот татко на Кертис - и му предлага на главниот „отпораш" да раководи со возот, бидејќи самиот е веќе стар и уморен. Иако за момент изгледа дека Кертис ќе попушти, тој ја прави и последната жртва - ги ослободува децата кои се заробени во машината изигрувајќи нејзини делови, и му помага на инженерот да крене во воздух една од вратите, но овој пат таква која води надвор од возот. Таму е навистина студено, но снегот почнува полека да попушта, а на една од снежните планини се забележува и бела мечка, доволно за оптимизам дека во тие услови може да преживее нешто топлокрвно. Од експлозијата на возот се спасуваат само двајца, дете и девојка од задните вагони, и на нив е да го продолжат човечкиот род.
Филмот може да се толкува како социо-економска алегорија, дистописка парабола, остра сатира, но е и одлична акција која се одвива во стеснетиот простор на возот. Правен врз основа на француска графичка новела La Transperceneige од 1982, режиран од Кореецот Бон Џоон-Хо, тој крена и поинаква прашина во САД, откако неговиот дистрибутер Харви Вајнстајн бараше тој да биде скратен за 20 минути од оригиналната 126-минутна монтажа. Откако режисерот не попушти, тој сега има „ограничена“ дистрибуција, во само определен број кино-сали низ Америка. За среќа, дури и во такви услови стана забележан, а некои од критичарите (Салон, Вашингтон пост) го прогласија за филм на годината уште во јуни.