„Конфликтот баклава“ на Балканот е актуелен со векови, а негова основа е ривалството околу потеклото на овој сладок десерт. Неговата историја за жал не е целосно документирана (како впрочем и историјата на голем број други видови храна кои се појавуваат во различни земји, со речиси ист рецепт, но со различни имиња). Голем број етнички групи - Грци, Турци, Босанци, народи од Блискиот Исток - велат дека баклавата е нивна, а ја подготвуваат на речиси ист начин, но и со по некој локален „твист“. Ја има и кај нас, се служи и за христијански и за муслимански празници, со ореви или ф’стаци, со маст или со зејтин, исечена во дебели триаголници или коцки.
Но тивкиот конфликт прерасна во војна во 2006, кога Грците од Кипар решија да ја претстават баклавата како нивен деликатес, поддржани од ЕУ. Тогаш Австрија, која го преземаше претседателството со Европската Унија изработи кампања со постери на кои секоја членка беше претставена со по еден вид „нивна“ храна. Веројатно никој во ЕУ не размислил што може да предизвика присвојувањето на баклавата од страна на Грците од Кипар, земја која се придружи на ЕУ во 2004, додека тогаш Турција имаше статус на земја-кандидат.
Турските слаткари само што не земаа оружје в раце кога постерите осамнаа - над 200 производители на баклава организираа демонстрации во Истанбул, а главниот преговарач на Турција го покрена прашањето за баклавата во седиштето на ЕУ во Брисел. Експерти пак од грчка страна тврдеа дека основата на турската кујна е византиската, и дека Турција нема право на ексклузивитет на благцето. На крај, во 2013, ЕУ и го додели „заштитениот статус“ на еден вид баклава, онаа од Газиентеп, зафркнувајќи ги Грците.
Најнова вест од овој турски град е дека во него е отворен музеј на баклавата. Негов организатор е професорот Оѓузан Саги, кој бил инспириран од музеј на чоколадото во Германија. Професорот е всушност очен лекар кој студирал во оваа земја, и кој одлучил дека по враќањето во Турција ќе направи нешто слично во родниот град, само посветено на баклавата.
За ова му биле потребни три години. Имал проблеми меѓу другото и затоа што бројот на мајстори кои продолжуваат да прават баклава рачно секојдневно се намалува. Откако нашол еден таков го вработил во Музејот, за на посетителите да им го покажува процесот, онаков каков што се одвивал со години. А оние кои еднаш ќе го посведочат, потоа повеќе ја ценат добрата баклава.
Претходно: Грчкиот политички милиброд