Се вика цуреки или ламбропсомо (велигденски леб, кај нас милиброд, козинак) со специфична, незаменлива арома, која се должи на два битни зачини: мелен кардамон и махлепи, a понекогаш и мастиха и кора од портокал. Во Грција може да се најде во најобична трафика, но и изложен - таков целиот сјаен и со лушпички бадем - во излозите на најлуксузните слаткарници, чиј широк радиус мириса на тазе цуреки (или барем на лукаво одбран дезодоранс со ваква арома). Оние кои од незнаење прашале „а имате ли цуреки со суво грозје?“ знаат како биле изрешетани со поглед од локалниот мајстор, за кого „стафидопсомо“ (леб со суво грозје) е неколку категории поинфериорен производ од најдоброто, традиционално цуреки, кое не содржи суво грозје. А традиционално во случајов значи - политичко.
„Политико“ е честа придавка на пакувањата не само на цурекито туку и на голем број други грчки производи, главно слатки, етикета која означува дека нештото е „автентично“ и подобро од оние кои не ја содржат. Со мало познавање на етимологија (политика-полис-град) станува јасно дека слаткиве се продаваат како „градски“. Но во случајов придавката се однесува само на еден град, референца не само за квалитетни слатки (нешто како „тетовски“ грав, „беровско“ сирење), туку многу повеќе од тоа. „Политичкото“ цуреки е „од Градот“ (the Градот), односно од - Константинопол.
За да се разбере ова, потребно е малку историја. Како и повеќето балкански национализми, и грчкиот го доживеал својот подем во деветнаесетиот век. „Мегали идеа“ или Големата идеја бил таков концепт кој промовирал воспоставување грчка држава која би ги вклучила сите етнички Грци, особено заради фактот што голем број грчко население по независноста од 1832 се уште останало надвор од „матицата“, под турска власт.
Оваа аспирација продолжила уште долго да доминира со надворешната политика на Грција - целта била оживување на Византијската империја преку воспоставување грчка држава која би ги вклучувала, според идејата на древниот географ Страбон за „грчкиот свет“, поранешните византиски поседи од Јонското море на запад до Мала Азија и Црното море на исток, и од Тракија, Македонија и Епир на север до Крит и Кипар на југ. Главниот град на оваа нова држава би бил Константинопол, или денешен Истанбул.
Ваквата идеја за Голема Грција почнала да слабее по поразите на Грција во грчко-турската војна (1919-1922), по што следувала размената на население помеѓу Грција и Турција во 1923. Па сепак, визијата за Грција до Црно море (како и визиите на другите балкански држави за сопствено проширување) не ја напуштило колективната свест. Таа е отсликана и во јазикот, во кој „Градот“ се уште еднозначно се поврзува со за Грците неосвоениот Истанбул. И во вкусот на цурекито, традиционалниот грчки колач, кој е најдобар ако доаѓа од - Турција.
Бонус: Грчки сајт со уште 18 слатки означени како „политички“ - баклава, кадаиф, ашуре, екмек..