Пабло Неруда, Нобеловец и добитник на Струшкиот венец, и за време на животот бил контроверзна фигура во родното Чиле, главно поради неговата левичарска политика. Но во последниве години тој е на мета на растечкото феминистичко движење во оваа земја. Активистките наведуваат епизоди од животот на поетот како доказ за неговата мизогиничност.
На пример, тој го напуштил своето единствено дете, Малва Марина и нејзината мајка, меѓу другото и затоа што ќерката била родена со хидроцефалус - акумулирање на течност во мозокот кое може да предизвика оток на главата, поради што починала на осум години. Во 2018, кога започна кампања за преименување на аеродром во Сантијаго во чест на Неруда, ова (како што пишувавме тука) беше дочекано со негодување, поради тоа што тој силувал слугинка во Цејлон, каде во 1929 вршел дипломатска служба. Тоа го признал самиот, во мемоар, каде навел дека сексуалниот чин бил „како на маж со статуа“, но и дека слугинката „имала право да го мрази“.
Поради сето ова книгите на Неруда веќе не се дигитализираат и чуваат во Националната дигитална библиотека. Некои чилеански универзитети и средни училишта го исклучуваат од програмата. За разлика од минатото, кога сите чилеански ученици требало да знаат песни од Неруда наизуст, денес, особено девојките, не сакаат да слушнат за него. Еден од стиховите кои ги згрозува е следниот (од Песна XV): „Би сакал да седиш мирна: како да си отсутна“. Ова се толкува како упатство на љубената да не зборува многу-многу, туку да се покорува. Оттаму во Сантијаго за време на протестите поврзани со #МеТоо осамна графит: „Неруда, ти заќути!“.
Ова е уште едно постхумно прогонство на поетот, кој кога владата на Чиле ја забранила Комунистичката партија каде членувал, бил обвинет за предавство. За да одбегне апсење тој во 1947 избегал во Аргентина на коњ преку снежните Анди. По некое време се вратил, но во 1973 кога на власт дошол генералот Пиноче, неговиот режим ги изгорел книгите на Неруда.