Освен што е еден од честите автори кој е лажно цитиран на интернет, Неруда е лауреат на Нобеловата за книжевност (и на Струшкиот венец), чија поезија претставува хроника на животот и борбите на „обичните“ Латино-Американци, а чиј живот е славен како симбол на отпорот кон диктаторските режими.
Но предлогот најголемиот меѓународен аеродром во главниот град на Чиле, Сантијаго, да го носи неговото име, е дочекан со негодување од активисти за човекови права, кои сметаат дека Неруда не заслужува ваква чест. Станува збор за студентско феминистичко движење кое стои зад латинско-американската верзија на #MeToo, како и зад кампањи и протести за права за абортус. Тие сметаат дека во моментов нема јасна причина за преименување на аеродромот, а дека Неруда е последниот којшто би требало да биде земен предвид, со оглед на тоа што самиот во својата автобиографија има признаено дека силувал слугинка во Цејлон, каде во 1929 вршел дипломатска служба. Во книгата тој опишува дека откако жената ги одбила неговите навалувања, Неруда „цврсто ја фатил за зглобот“ и ја довел до спалната соба. „Односот беше како на маж со статуа. Таа ги држеше отворени очите цело време, без реакција. Имаше право да ме мрази“.
Иако мемоарот е објавен пред повеќе од 40 години, овој извадок стана предмет на дискусија дури неодамна - демистификацијата на Неруда всушност започнала во моментот кога почнало поотворено да се дискутира за силувањето воопшто.
Ваквото минато на славниот национален поет на Чиле не им пречело на членови на комисија за култура во долниот дом на чилеанскиот парламент, кои овој месец веќе го изгласале преименувањето. Тие сметаат дека токму името на Неруда е првото нешто кое туристите и посетителите би требало да го видат кога ќе влезат во земјата. Во моментов аеродромот се вика Артуро Менино Бенитес, според основачот на чилеанската авијација. Предлогот за преименување сега треба да помине уште една инстанца до конечна одлука.