Кога галеристот Јохан Кениг го продал првото уметничко дело на рана возраст од 21 година, тој имал тајна која нерадо му ја открил на купувачот - со тешко оштетен вид како резултат на несреќа во тинејџерските години, Кениг можел да ги види само контурите на сликата која ја продавал за 4500 евра.
„Колку сериозен може да изгледа некој кој не може ни да ја види сликата што ви ја продава?“, вели Кениг, кој денес има галерија во реновирана бруталистичка црква во Берлин. „Цело време мислев дека некој ќе ме открие.“
Во нешто што го нарекува „разоткривачки“ мемоар, објавен во Германија овој месец под наслов „Слепиот галерист“, тој тврди дека хендикепот бил клучен за успехот кој го доживува во последно време. Токму оштетениот вид го поттикнал да развива специфична, лична идеја за она што ја сочинува добрата уметност, а не да биде дефокусиран од сјајната надворешност на предметите и луѓето со кои доаѓа во контакт.
Роден во Келн во 1981, тој пораснал во уметничко семејство. Неговата мајка Еда, актерка и илустраторка, била мажена за режисерот Вим Вендерс, а татко му Каспер бил куратор кого Зудојче Цајтунг го нарекол „пронаоѓач на германската повоена авангарда“. Редовни посетители во неговиот дом во детството биле луѓе како Енди Ворхол и Дејвид Хокни. Но кога имал 12 години Кениг случајно предизвикал експлозија со барут од пиштол-стартер во неговата спална, после што обете очи му биле значајно оштетени.
И покрај советот од семејството да го батали нивниот бизнис и да се занимава со нешто друго, Кениг отворил мала галерија кога наполнил 21 година, која специјализирала во концептуална уметност и звучни инсталации. Најзначајно дело од тој период било на данскиот скулптор Џепе Хајн, кое се состоело од моторизирана метална топка која ја уништувала внатрешноста на галеријата во моментот кога посетителот влегувал во изложбениот простор.
По трансплантација на рожница на левото око во 2009 неговиот вид значајно се подобрил. Сепак, тој останал приврзан на слики кои се големи и насликани со јаки бои. Следниот месец ќе проба да носи наочари кои проектираат снимки од мала камера веднаш зад рожницата, бидејќи клектите во нејзината внатрешност не се регенерираат онака како што се очекувало, и можно е тој повторно да го загуби видот. Во меѓувреме неговата галерија е една од највлијателните германски адреси во уметничкиот свет, со годишен обрт од 20 милиони евра и нова експозитура во Лондон.