Дури и ако мислите дека сте редовен посетител на тн. „културни настани" во нашиот главен град, можеме да се обложиме дека има некој поредовен од вас. Наречени „стаорци", „галериски клошари“, „коледари“ или понежно - „редовните" - тоа се оние нам непознати луѓе кои постојано се појавуваат на отварање на изложби, промоции и друг вид настани, само за да ќарат бесплатна книга, маица или залак од шведската маса. Еден фотограф ги регистрирал истите такви ликови од Чешка.
Како втор по големина во оваа земја, Брно има жива културна сцена, и како што ги нарекува фотографот Јан Кага, „силни карактери". Меѓу нив се членовите на секогаш присутната „флота гулаби" - поранешни новинари, постари љубители на уметност, или едноставно осамени луѓе кои доаѓаат на културни настани „за да изедат и да испијат колку што е можно повеќе". Оние во Брно (сме виделе такви случаи и кај нас) дури си носат и ќесички за да си понесат храна дома, а се осудуваат дури и да ја критикуваат храната ако таа не е добра или ако ја нема доволно.
Кага ги фотографирал овие ликови во тек на неколку години, при различни музејски настани, веќе познавајќи ги „редовните", кои за него станале фасцинантен општествен феномен. Основач на флотата според Кага е извесен Мирослав Холуб (Холуб=гулаб), уредник на списание, кој откако тоа му пропаднало продолжил да оди по настани „заради пијачките". Постепено нему му се придружиле десетина луѓе, кои ја формираат денешната група, која не е омилена од страна на организаторите на настаните, бидејќи тие се плашат дека овие ќе им ја изедат сета храна. Како еден од методите за спречување на нападот на „гулабите" тие имаат воведено построга контрола со покани, но ова се покажало само делумно успешно. Од друга страна, тие можат да бидат сигурни дека дури и ако никој не се појави на некој настан, гулабите ќе ја спасат работата со нивното присуство.
Ваквиот однос кон луѓево ни изгледа малку нефер без дополнителни информации за тоа кои се нивните вистински мотиви. Можеби се само осамени и ова е нивниот начин да се дружат? Можеби се навистина гладни и жедни? Како и да е, нивното присуство и по нашите настани прави и ние да сме дел од овој глобален „гулабарски" феномен.