Ние не сме едно нешто, ние сме мрежа од нешта

Кој сум јас? Дали сум мојата ДНК или производ на моето воспитување? Колку можам свесно да се променам? Дали може да имам повеќе од еден идентитет? Ова се релевантни прашања, но можеби ги поставуваме од погрешна перспектива.

Голем број филозофи, барем на Запад, се обидуваат да ги идентификуваат суштинските услови за тоа да се биде „јас“ (а не некој друг), па дури и да го сведат на едно нешто. Често заземан став е оној според кој јаството е психолошки континуум, самосвест во комбинација со лични спомени. Други го дефинираат како комбинација на ум и тело (Декарт), трети исклучиво како свесност.

Сите овие пристапи ги отсликуваат интересите на филозофите да се фокусираат на една специјална дефинирачка карактеристика на јаството, тоа посебно нешто кое нè одредува како поединци. Но други се против вакви редуктивни пристапи и промовираат друг - тн. „вмрежано јаство“ (network self).

Oва секако не е нова идеја, но среде пандемијата добива на актуелност и на аргументираност. Социјалните идентитети се особини на јаството поврзани со социјални категории (род, класа, политичка припадност) или меѓучовечки односи (родител, пријател, сосед). Тоа значи дека не е во прашање ниту само телесноста, ниту само меморијата или свесноста за социјалните релации, туку САМИТЕ РЕЛАЦИИ кои прават некого да биде оној којшто е. Јаството така е повеќе однос и врска, а не „контејнер“ на нешта. Тука спаѓаат емоционални, биолошки, физички и други релации кои ја формираат мрежата, но кои не се фиксирани туку се менуваат со текот на времето, при што едни релации згаснуваат или слабеат а други се засилуваат.

Секој човек е инклузивна мрежа, мноштво особини кои се поврзани една со друга. Генералниот карактер е резултат на специфична поврзаност на овие особини - психобиолошки, социјални, политички, културни, лингвистички и физички. Понекогаш може да постои конфликт или тензија помеѓу идентитетите, или отпор да се биде сведен само не оние доминантните (нечиј роднина, конкретна професија, физички хендикеп). Но без оглед дали има особини што се помалку важни, тие се дел од мрежата и нивното маргинализирање значи да се испушти значењето на целината.

Ова гледиште всушност тврди дека ние сме ПРОЦЕС. Не како серија настани, туку како промени кои се случуваат на секое ниво во овие мрежи, постојани процеси кои дури се и невидливи на макро ниво - од растењето на ноктите, преку еволуцијата на социјалните односи, менувањето на ставови и вредности. Но во сето тоа има и извесна константност, бидејќи особините не се менуваат со исто темпо и не се случуваат цело време, а некои остануваат и непроменети. Како и да е, генерално, „јаство“ означува целина која во секое време е збир на она што било, и она како се проектира себеси во иднина.

извор

21 мај 2021 - 09:20