Оние, како нас, на кои Нетфликс им е ново и свежо искуство, имаат на што да се радуваат: дома веќе не те малтретираат да им симнуваш филмови и серии затоа што сега им се достапни со еден клик, постојано има нешто ново но и такво што е старо а добро, не мора да памтиш до која епизода си стигнал затоа што има кој да памти, плус ако ги знаеш кодовите од скриените категории (за што пишувавме тука) не мора да се потпираш само на неговите препораки, туку можеш да бидеш и малку поангажиран.
Но има и помалку добри страни за кои човек станува свесен дури откако ќе му слегне првичниот ентузијазам. Прво, упатени велат дека содржините достапни во Македонија (за 8 евра месечно за еден уред) не се ни од далеку истоветни со оние достапни во други европски и светски земји за истата претплата. Во Хрватска, на пример, во моментот кога таму се воведе Нетфликс (2016), пресметаа дека се работи за само 12%, проценти од вкупната содржина на сервисот, што дури и да се покачило во меѓувреме сепак остава простор за дискусија - зошто да плаќаш сто посто за нестопостотна услуга? Во меѓувреме компанијата буквално „гори“ пари на сопствена продукција, за која троши милијарди долари.
Но освен овие бизнис детали има и други кои на прв поглед изгледаат банално, но имаат далекусежни последици. На пример, во март 2017 Нетфликс воведе „прескокни интро“ опција за ТВ сериите од сопствена продукција. Со тоа дополнително го поедностави гледањето на „екс“ (binge-watching), што го прави ваквиот прескок некако логичен - ако планот ви е да изгледате осум часа „Френдс“ веројатно не сакате сто пати да ја слушате воведната песна. Само што за „Френдс“ ваквата опција на прескок не е достапна. Но затоа пак е достапна за Е.Т. и Форест гамп.
Ова во текст за Гардијан Ноа Гител го оцени како тотално отсуство на почит кон кинематографската историја, во која најавните и одјавните шпици имаат свое значајно место.
„Кога се откажуваме од шпиците, губиме нешто од уметничката вредност на делото. Најавите и одјавите имаат свој развоен пат, и можат да се сметаат самите за уметничка форма. Во првата половина на 20 век овие секвенци имале функција како првите страници во книга. Едноставно ги наведувале актерите и тимот кој работел на филмот без да поттикнуваат емоционални, психолошки или наративни квалитети во врска со делото кое следело. Но сето ова се променило во 1955 кога графичкиот дизајнер Сол Бас бил најмен од режисерот Ото Премингер да ја направи шпицата за „Човекот со златната рака“, провокативна драма за џез музичар (Френк Синатра) кој се бори со зависност од хероин.
Шпицата го наведува гледачот да влезе во темата на зависноста, а во одјавната истите линии кои претходно се „бркаа“ формираат деформирана човечка рака.
Бас продолжил да работи со Хичкок и Скросезе, но во меѓувреме неговата визија била первертирана од холивудската машинерија. До средината на 1960-тите студијата плаќале огромни пари за анимирани шпици кои не додавале многу вредност на филмот. Сепак духот на Бас може да се почувствува во подоцнежните филмови со наративно сложени отварања, кои лесно можат да функционираат како кратки филмчиња сами по себе. Спилберг, Финчер, Спајк Ли, Кјубрик. Да се скратат овие најавни шпици значи да се исече многу важен дел од филмот и на гледачот да му се ускрати ваквото искуство.
Сепак, постапката на Нетфликс не е причина туку повеќе симптом. Со децении најавните шпици се кратат и тоа не само во холивудските блокбастери. Од девет филмови номинирани лани за Оскар само еден („Лав“) има шпица која е повеќе од само насловот на филмот. „Месечева светлина“, победникот, дури нема ни наслов.
Во време кога сите медиуми се дизајнирани да ни го скратат и онака веќе стеснетиот опсег на внимание, единствено што може да направиме како гледачи е да се опираме на ваквите обиди - да не го притискаме копчето за скокање на најавата, или на кое и да е копче за скокање. Не е сè што одзема време „дефект“ кој треба да се надмине и хакира. Она што на прв поглед ни изгледа како лукава манипулација со времето, на крај резултира со оповршнето доживување на сè, па и она она што е „интересно“. Кое не може да се доживее вистински ако не е комбинирано со малку досадно.
Претходно: Исчезнувањето на добри воведи на песни