Со државен погреб испратен грчкиот Боб Дилан

Грчкиот пејач и кантавтор, Дионисис Савопулос, славен по своите алегорични и поетски текстови кои ја коментираа политиката, идентитетот и општеството во Грција, почина на 80-годишна возраст. Низ директен пренос од погребот кој се одржа во саботата, 25.10., од него се простија политичари, колеги и луѓе на кои неговата музика им го осмислила животот.

Познат под прекарот Ноњо, грчкиот кантавтор Дионисис Савопулос се прослави во 1960-тите, особено во годините на воената диктатура во Грција (1967–1974), кога неговите суптилно револуционерни песни станаа симбол на отпорот на младите и на дисидентите. Кратко време бил и затворен од хунтата, што дополнително го зацврсти неговиот статус како уметник на слободата. Раните албуми му се „гитара и глас“ - музички малку здодевни ако не се разбираат стиховите, но подоцна експериментира со бенд составен од дувачки и удирачки инструменти, што овозможува поголема драматичност и (исто како и во случајот со Дилан) приближување кон рокенролот. 

Роден во Солун во 1944 година, Савопулос студирал право по наговор на татка си, но студиите никогаш не ги завршил. Во 1963 година се качил автостоп на камион и се преселил во Атина, започнувајќи музичка кариера по мали клубови. Неговиот израз е уникатна мешавина од „лаики“ - грчка традиционална музика, рок и фолк-рок влијанија. Во интервјуа како своја инспирација ги наведува Боб Дилан и Френк Запа.

Повеќето свои песни ги пишувал и компонирал сам, со теми што се движат од политички и романтични до сатирични. Првиот албум „Fortigo“ (Камион) од 1966 година (инспириран од претходно споменатото „одметнување“ од дома) му носи слава со својот спој на политичка алузија, рок-енергија и грчки мелос. Со вториот албум „Градината на лудиот“ од 1969, создаден во најжестоките години на диктатурата, станува водечки глас на уметничкиот отпор во земјата.

Во 1972 година, кратко време по падот на хунтата, излегува албумот „Валканиот леб“ со песната „Ангелот објавува“, адаптација на Дилановата „The Wicked Messenger“. Текстот на оваа песна се смета за негова критика и раскинување со левицата која толку долго ја поддржувал, бидејќи очекуваниот ангел на спасот во неа вели:

„Вестите што ви ги донесов ви звучеа милно/но тие се далеку од вистината./Веднаш сфативме што сакаше да ни каже/па мирно му рековме да си оди./Ако нема добри вести подобро да ќути“.

Верзијата на Дилан:

Верзијата на Савопулос:

Во 1997 го објави албумот „Хотелот“, посветен на музичарите што го инспирирале — меѓу нив Боб Дилан, Ник Кејв, Ван Морисон, Лу Рид. 

Препорака 1: преработката на Into My Arms од Ник Кејв.

Πрепорака 2 - Оnce in a Lifetime од Токинг хедс.

Савопулос настапуваше до крајот на животот, последен пат во јуни летово, на музички фестивал кадешто го поздрави публика составена од три генерации. На почетокот на 2025 година ја објави својата автобиографија, „Зошто годините летаат?“, во која отворено зборуваше за борбата со ракот на белите дробови, дијагностициран во 2020 година. Во Атина сега за последен го испратија илјадници обожаватели, со поворка од 2,5 километра за која беше блокиран сообраќајот низ центарот на градот. 

26 октомври 2025 - 18:32